Британскиот „Гардијан“ ги објави таканаречените „Facebook Files“, голем серијал репортажи за интерните правила на модерирање на непримерните содржини на „Фејсбук“. Ова дава потполно нов увид во начинот на кој компанијата одлучува што смее, а што не смее да се објавува на корисничките профили.
Новинарите на „Гардијан“ добија увид во над 100 интерни „прирачници, табели и графикони“ кои служат како напатствија на модераторите кои ги оценуваат пријавените содржини. Документите ја откриваат линијата која компанијата се обидува да ја следи: да се обезбеди платформа за слобода на говорот, но истовремено да се избегнуваат какви било штетни содржини, како закани со насилство, злоупотреба на деца, сурово постапување кон животни. Платформата притоа користи одредени автоматизирани системи кои проактивно ги елиминираат несаканите содржини, но сепак, голем дел од работата им останува на тимовите модератори.
Упатствата за начинот на кој треба да постапуваат модераторите при класифицирање на содржините, се прилично детални. Нивна задача е да прават разлика меѓу лажни и сериозни закани. Упатствата истакнуваат и точно определени корисници и групи корисници каде секоја закана треба да се земе сериозно, како на пример кај политичари на водечки позиции, полицајци, активистички групи или бездомници.
Упатствата дозволуваат и одредени сиви зони. На пример, се дозволуваат фотографии или видеа од малтретирање на животни доколку се користат за подигнување на свеста за тој проблем.
Според „
Гардијан“, модераторите се задолжени за прегледување на милиони примероци со сомнителна содржина. Како што се наведува, „модераторите честопати се претрупани со објави кои мораат да ги прегледаат и прават грешки, особено во прилично комплексното подрачје на дозволена сексуална содржина“.
Во последно време се случија неколку јавно експонирани инциденти, како отстранувањето на фотографиите од Виетнамската војна како и убиства кои преку „Фејсбук“ се прикажуваа во живо, што ја принудија компанијата да вработи дополнителни модератори кои треба да вршат контрола на содржините. Тие инциденти всушност ја покажаа пропустливоста во безбедносната мрежа за контрола на содржините на „Фејсбук“. Компанијата неодамна соопшти дека има нешто помалку од два милијарди корисници.