X
 23.05.2018 Образование

Во Германија казни до илјада евра за родителите чии деца неоправдано отсуствуваат од настава

Германската полиција ги испитува семејствата што патуваат со деца за да провери дали  децата изостануваат од училиште заради патувањето. Засега извештаи за десет фамилии се испратени до образовните институции во Баварија, Германија. Се верува дека семејствата фатени на аеродромот во Меминген сакале да ги избегнат метежите, што може да ги чини поскапо.

Во Германија родителите се обврзани да ги праќаат децата на училиште. На семејствата во Меминген им било дозволено да одлетаат на одмор и покрај испрашувањето, но германските медиуми пренесуваат дека родителите имаат две недели да објаснат зошто ги извадиле децата од училиште. Ако причината не е доволно добра, секоја фамилија може да добие парична казна во износ до илјада евра.

Правилата во Германија варираат во зависност од тоа за која сојузна држава станува збор. Но, казните се прилично чести, а подучувањето дома е забрането. Во Саксонија, Источна Германија, родителите чии деца имале неовластено отсуство од пет или повеќе дена во една училишна година може да добијат казна до 1.250 евра. Германските медиуми известуваат дека минатата година во оваа сојузна држава биле изречени казни за околу 5.680 случаи на бегање од часови, поради што 618.000 евра биле внесени во касата на локалните власти. Во градот Лајпциг имало најмногу вакви случаи - повеќе од 2.280.

Фото: Pexels

Што се случува во другите земји?

Во Австрија властите ги зголемуваат казните за родителите во слични случаи. Во јануари министерот за образование на оваа држава најави казни од 110 до 660 евра за родителите чии деца бегале од часови. Казната ќе се зголемува во зависност од должината на отсуствата.

Франција во справувањето со отсуствувањето од часови се осврнува на дијалог меѓу училиштата и родителите, но ако дијалогот не успее, може да се изрече казна од 135 евра.

Дали датумите за распусти се различни низ ЕУ?

Да, датумите за тргнување на училиште и за распустите се разликуваат и по региони. Во Франција сите деца имаат двомесечен распуст налето (од 7 јули до 2 септември), но датумите за другите распусти зависат од тоа во кој регион живеат.

Има големи разлики во датумите за распуст меѓу германските сојузни држави и Швајцарија.

Франција има 162 училишни дена во годината, иако бројот е поголем во средното образование. Во повеќето европски земји бројот се движи меѓу 170 и 190 дена, но во Данска и во Италија е 200.

За Божиќ речиси сите земји имаат двонеделен распуст.

Но, летните одмори варираат. Во Велика Британија, некои германски сојузни држави и во Холандија летниот распуст трае шест недели, но децата во Италија добиваат меѓу 12 и 14 недели летен распуст, а во Латвија и Португалија многу добиваат и 13 недели распуст.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование