Делови од Шпанија се зафатени од топлотен бран со рекордни температури за месец мај.
Шпанската национална метеоролошка агенција АЕМЕТ издаде предупредувања за високи температури во 17 региони, а во градот Хаен во Андалузија се измерени 40,3 степени Целзиусови.
Медиумите извесуваат дека луѓето на југот на Шпанија бараат најразлични начини за да се разладат, дури и со капење во градски фонтани.
Регистрираната температура од 40,3 степени е за 16 степени повисока од просечната за овој период од годината. Во останатиот дел од земјата се измерени температури за најмалку седум степени повисоки од просекот.
Од АЕМЕТ предупредија дека топлотниот бран може да биде еден од најинтензивните во последните 20 години. Во многу места низ Шпанија температурата во раните утрински часови не се спушти под 25 степени.
Со топлотни бранови се соочуваат и други места низ светот, меѓу кои Индија и Пакистан, како и делови од САД, пред се сојузната држава Тексас.
Извор: МИА