Научниците развија ВИ систем кој открива колку користењето на мобилниот телефон ги оптоварува мускулите, укажувајќи на скриените физички последици од секојдневното скролање.
Научниците развија ВИ систем наречен „Лог2моушн“ кој анализира што се случува со нашите мускули додека пишуваме, скроламе и поминуваме со прстот по екранот. Не следи само што сме кликнале, туку и колкав физички напор бил потребен за да го направиме тоа.
Тоа значи дека системот може да процени колку се напрегаат палецот и дланката при навидум безопасните движења што ги повторуваме секој ден. Според истражувачите, зад обичното скролање често стојат ситни истегнувања и микронапрегања кои со текот на времето можат да станат проблем.
„Лог2моушн“ користи детален ВИ модел на рака со 63 мускулно-тетивни единици и се обидува да симулира како би морала да се движи вистинска личност за да изведе некоја дејност на мобилниот телефон. Ги зема предвид и малите несовршености во движењата бидејќи луѓето не ги поместуваат прстите како роботи.
Особено е важна опцијата која му овозможува на системот во реално време да користи вистински андроид-апликации. Поради тоа, истражувачите можат да видат колкав физички напор бараат обичните допири, скролањето или разните движења во апликациите и игрите.
Поентата е прилично јасна - технолошките компании знаат што кликаат корисниците, но не знаат колку тоа физички ги оптоварува. Не гледаат, на пример, дали некое копче бара непријатно истегнување на палецот или некој гест повеќе напор отколку што би требало.
Истражувачите велат дека ваков систем еден ден би можел да им помогне на девелоперите да ги дизајнираат апликациите така што ќе бидат помалку напорни за користење.
Со години се зборува за тоа што мобилните телефони му прават на нашиот мозок и вниманието. За физичката цена на постојаното скролање речиси и да не се зборуваше. Ова истражување посочува дека проблемот не е само во екранот пред очите, туку и во движењата кои постојано ги повторуваме.
Фото: freepik