Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата денеска донесе одлука од петок, 26 јуни, целосно да бидат отворани сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР-тестови и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин, објави премиерот Оливер Спасовски, на својот фејсбук-профил. На 1 јули ќе бидат отворени за сообраќај Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Се укинува забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни.
На денешната седница Владата донесе одлука угостителските објекти да можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа. Ќе почнат да работат и теретаните и вежбалниците, а моловите, од истиот датум, ќе можат да работат и во неделите.
За сите овие одлуки до петок ќе бидат подготвени протоколи кои ќе бидат задолжителни за сите економски оператори и институции во чија надлежност се овие одлуки.