Како почеток на некој хорор-филм, прастари суштества излегуваат од пермафростот кој сега се топи: од неверојатно зачуваната исчезната мегафауна, како влакнестиот носорог, до остатоците од џиновскиот волк стари 40.000 години и бактерии стари над 750.000 години.
Не сите од нив се мртви. Мов стар со векови успеа да оживее во лабораториските топли услови. Истото го направија и мали цевчести црви стари 42.000 години.
Овие фасцинантни увиди во организмите од далечното минато на Земјата ја откриваат историјата на прастарите екосистеми, вклучувајќи ги и деталите за животната средина во која живееле. Но, топењето донесе и грижа дека прастарите вируси доаѓаат по нас.
-Топењето нема да доведе само до загуба на тие прастари микроорганизми и вируси, туку и ќе ги ослободи во околината во иднина - наведуваат истражувачите во нова студија предводена од микробиологот Жи-Пинг Жонг од Државниот универзитет во Охајо.
Благодарение на новите метагеномски техники и новите методи да бидат стерилизирани примероците на ледени јадра, истражувачите работат на подобро разбирање што точно лежи во ледот.
Во новото истражување се наведува дека тимот успеал да идентификува архива од десетици уникатни вируси стари 15.000 години од ледената капа Гулија на Тибетската Висорамнина и да ги истражува нивните функции.
- Овие ледници се формирале постепено и заедно со прашината и гасовите, во ледот се депонирале и многу вируси - истакнува Жонг.
Овие микроорганизми потенцијално ги претставуваат оние што биле во атмосферата во времето на депонирањето, објаснува тимот во трудот.
Минати студии покажаа дека заедниците на микроорганизми се во корелација со промените во концентрацијата на прашината и јоните во атмосферата и можат да посочат на климатските и еколошките услови во тоа време.
Во тие заледени записи од дамнешните времиња, 6,7 километри над нивото на морето, во Кина, истражувачите откриле дека 28 од 33. вируси што ги идентификувале не биле забележани порано.
Сепак, сè уште треба да се истражува како бактериите и вирусите реагираат на климатските промени и што се случува кога преминуваме од ледена доба во топол период како сегашниот.
Извор и фото:
Science Alert