X
 23.08.2019 Наука

Нова мапа на мозокот може да помогне во разбирањето и третирањето на дислексијата

Истражувачите при Универзитетот „Беркли“ со помош на функционална магнетна резонанција ја мереле активноста на мозокот преку крвотокот кај деветмина доброволци што слушале и потоа читале приказни од поткаст кој го емитираат 500 радиостаници низ светот.

Тие собирале податоци за читањето (збор по збор, за да можат полесно да ги одделат податоците) и слушањето на снимките со истиот текст. Потоа ги споредиле двата сета податоци со временски означена транскрипција на тие приказни.

Резултатите потоа биле испратени на компјутерска обработка со помош на програма која мапирала илјадници збора според нивните меѓусебни односи, користејќи обработка на природниот јазик. На пример, во категоријата „социјално“ биле зборови како сопруг, татко и сестра.

Различни категории поттикнале активност во различни делови на мозокот. Претходно споменатите зборови од категоријата „социјално“ поттикнувале реакција на десната страна, зад увото. Истото подрачје исто така најсилно реагирало на зборовите кои опишуваат луѓе или драматични случувања, како и на зборови што опишуваат време.

Истражувачите дошле до заклучок дека постојат голем број сличности, кога станува збор за активноста на мозокот, меѓу читањето и слушањето приказни. Досега се претпоставуваше дека разликите меѓу тие две активности ќе бидат јасно видливи.

Резултатите се објавени во списанието „Џурнал оф неуросајенс“ со нова, освежена мапа на мозокот.

Мапата за тоа како мозокот одговара на зборови може да отвори нови начини за разбирање и третирање на дислексијата и нарушувањата во говорот.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука