Истражување што опфатило 210 средовечни мажи и жени посочува дека на жените им треба повеќе сон отколку на мажите, како и дека жените имаат поголеми здравствени проблеми поради недостаток на сон.
- Резултатите покажуваат дека кусиот сон кај жените е тесно поврзан со високите нивоа на психичка болка и посилно чувство на непријателство, депресија и лутина. Од друга страна, пак, овие чувства не се поврзани со нарушување на спиењето кај мажите - изјави професор Џим Хорн, дел од британскиот истражувачки тим од Универзитетот на Лоубороу.
Една од главните функции на спиењето е да му овозможи на мозокот да се освежи и обнови. Како што објаснуваат стручните лица, при длабок, цврст сон, кортексот - делот од мозокот одговорен за помнењето, меѓу другото, се одвојува од сетилата и на тој начин се обновува.
- Колку повеќе го користите мозокот во текот на денот, толку повеќе сон ви треба за освежување на мозокот - истакна професор Хорн.
Извор: МИА