Седумнаесет глави се наоѓаат на полиците во магацин во Копенхаген каде што работи Томас Дамбо.
- Не, не ги убив - само ги подготвувам за мојот нареден проект - се смее данскиот скулптор и самопрогласен активист за рециклирачка уметност, познат по тоа што создава огромни тролови од дрво што го нашол во отпад.
Неговите
скулптури можат да се најдат на неколку локации низ Данска и светот. Овие масивни тролови, секој по метар до два високи, наскоро ќе бидат поставени за најновата инсталација на Дамбо, наречена „Грејт трол фолк фест“.
Во текот на наредните неколку месеци, со помош на волонтери и вработени, тој ќе состави и инсталира 10 фигури. Фигурите со височина од 5 до 7 метри ќе бидат скриени во помалку познатите зелени површини околу Данска, вклучувајќи ги и малите острови во близина на Копенхаген. Тој ќе објави индиции за нивната локација на социјалните медиуми.
- Станува збор за еден вид лов на богатство, подарок за семејствата во Данска кои се чувствуваат тажно што нема да можат да одат на одмор ова лето. Троловите ни помагаат и нè потсетуваат дека убавите места практично се во нашите дворови - вели уметникот.
Уште од 2014 година Дамбо успеал да подигне десетици дрвени суштества, инспирирани од фолклорот, во зелени места и паркови низ светот: брадесто момче во Кристијана, брат и сестра тролови „Изгубени“ во градините Пајнекрест во Флорида, серија дрвени џинови близу Сеул, Јужна Кореја. За сите користел материјал од дрвен отпад.
- Сакам луѓето да знаат дека ѓубрето има вредност. А троловите го прават тоа и ми помагаат во раскажувањето приказни, како легендите со кои пораснав - вели Дамбо.
Секој што живее или ја посетува Скандинавија може да ги најде троловите скриени во шумите, и тие имаат голем удел во литературата и туризмот во регионот.
Долго пред да се појават како уметност од Дамбо, ги имало во старонорвешката митологија и поезија уште во 12 век.
- Би можеле да се големи и грди или светли и убави - вели Јонас Велендорф, вонреден професор по старонорвешки на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија.
Троловите имале двојни лекции на кои го учеле човештвото: прво, дека непознатиот свет надвор од ѕидовите на селото и замоците може да биде неизвесен и потенцијално заканувачки; и второ, ризикот од ваквото истражување може да донесе знаење и богатство.
- Троловите претставуваат закана, но можеш да извлечеш и нешто од нив ако си доволно храбар - вели Велендорф.
Популарните бајки го отворија патот за статуите на веселите тролови. Во семејниот парк „Хундерфосен“, атракциите инспирирани од приказните вклучуваат и трол висок речиси 13 метри кој го држи ресторанот „Тролсалан“.
Но, уметноста на Дамбо е различна - тој ја користи митологијата за да ги привлече луѓето кон природата. Неговите тролови „комуницираат“ со туристите и светот на чудесен начин.
- Сакам ѓубрето да го претворам во нешто што ќе им ги отвори очите и умот на луѓето. Не треба да го исфрламе светот - тогаш ќе имаме свет без планини и без шуми - вели Дамбо.