X
 24.04.2019 Технологија

„Гугл“ гради дигитален град на иднината или своја верзија на „Шоуто на Труман“?

Утопискиот паметен град на „Гугл“ на брегот на канадското езеро Онтарио, прв од тој тип во светот чија реализација треба да почне за пет-шест години, предизвика многу контроверзии.

Откако „Гугл“, односно матичната компанија „Алфабет“ во 2017 година ја најави градбата на целосно дигитализирани населби во Торонто што би требало да ги реши урбанистичките проблеми, како пренаселеност, загадување, сообраќаен метеж и отпад, некои скептични жители на Торонто предупредуваат дека технолошкиот гигант се обидува да направи своја верзија на социјалниот експеримент „Шоуто на Труман“. Ентузијастите, пак, се восхитуваат на најавените иновации во градот.

1
Фото: Alamy


Меѓу другото, „динамичните улици“ на градот на „Гугл“ наречен „Сајдвок Торонто“ ќе бидат изградени од посебни хексагонални дрвени плочи кои назима сами ќе се загреваат и ќе го топат мразот или снегот, притоа избегнувајќи го ризикот жителите да се лизнат. Вградените улични ЛЕД-ламби ќе ја менуваат бојата, сугерирајќи како ќе се патува на тој пат. На пример, во деновите кога ќе има метеж во сообраќајот, одреден пат ќе биде за автомобили, додека друг за пешаци и велосипедисти. Над улиците ќе има таканаречени „мантили“ за контрола на временските услови, проѕирни пластични шатори направени од посебен материјал чија климатска технологија ќе им овозможува на жителите да се заштитат од неповолни временски услови, односно топлина во текот на студената зима и свежина во текот на жешките лета.

За реализација на овој научнофантастичен град на иднината е задолжена компанијата „Сајдвок Лебс“, подружница на „Алфабет“. Градот, поточно кажано квартот во Торонто, во првата фаза ќе се протега на 50.000 квадратни метри по должината на брегот на езерото Онтарио. Тоа ќе биде инвестиција од најмалку една милијарда долари, а исто така треба да отвори 4.000 нови работни места. Во последната фаза десетици станбени објекти се планираат на 20 ката, опфатени со единствена 5Г-мрежа. Под градот, низ мрежата на тунели ќе поминуваат камиони што ќе го собираат отпадот, а целата инфраструктура ќе се напојува исклучиво со геотермална и соларна енергија. Но, за да функционира сето тоа, жителите на квартот ќе мора да бидат под постојан надзор. Токму затоа се појавува анксиозноста и скептицизмот во врска со заштитата на приватноста и личните податоци.

- Тие доаѓаат во градовите каде што користат моќ и влијаат врз креирањето на градската политика за која владата треба да биде задолжена - вели Бјанка Вајли, соосновач на „Тех Ресет Канада“, консултантска фирма за ИТ и гласен критикувач на „Сајдвок Лебс“, тврдејќи дека канадските власти ги ставаат локалните услуги во рацете на приватна корпорација. И Џули Долорензо, сопственичка на агенција за недвижности од Торонто, вели дека „Сајдвок Лебс“ веќе ги направи плановите, но граѓаните и понатаму немаат одговори на прашањето како ќе биде финансиран проектот и дали луѓето можат да изберат дали сакаат да бидат изоставени од градското собирање на податоци.

Од друга страна, според истражувањето од последната анкета од февруари, 55 отсто од жителите на Торонто го поддржуваат проектот на градот на иднината.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија