Лак, стрела и камп-куќичка. Тоа е сегашниот живот на Кристоф Полдер.
Лак, стрела и камп-куќичка наместо меѓународни градежни проекти и „јагуар“ со 400 коњски сили. Така „Дојче веле“ ја почнува приказната за модерниот човек кој често „согорува“ поради своите работни обврски. Ова е таква приказна за човекот кој го пронашол спасот во природа.
Полдер е во средината на неговите триесетти години и живее некаде во Северна Баварија. На прв поглед изгледа како човек чија животна приказна може да се раскаже во неколку минути. Но не е така бидејќи неговата приказна, најблаго кажано, е необична.
Бегство од семејството
- Пораснав во секта, секој ден имаше тешка телесна казна - вели тој по прашањето како воопшто тргнал во насока на согорување, синдром на целосно преоптоварување со работа и стрес.
Полдер има три постари браќа. Постојано имало борба за внимание. На 16 години го напуштил семејниот дом.
- Освен во неколку наврати, оттогаш воопшто ги немам видено родителите - вели тој.
Работел во градежништвото. Живеел во контејнери. Сè додека еден ден постариот колега не го мотивирал да направи нешто повеќе во својот живот.
- „Интелигентен си, не е градежништвото за тебе“, ми рече Екрем - се потсетува Полдер. Тогаш почнал да студира инженерство, а по дипломирањето се вработил во меѓународен концерн.
Многу работа, малку пријатели
И почнал подемот што требало да ги излекува сите рани што кај него ги оставило детството. - Луѓето почнуваат да ве тапкаат по рамена, тоа е она што секогаш ти недостигало, кога-тогаш ќе станеш зависен од тоа - вели Полдер. Сега зборува студено и структурирано, брзо и со желба да раскажува.
- Првиот шеф беше татковски тип, тип на ментор - вели Полдер. Следниот шеф бил тип кој добро знаел кое копче треба да се притисне за Полдер да постигне врвни резултати. И Полдер сакал да напредува - како работата да не му одземала доволно енергија. Сакал да стане магистер на полето проектен менаџмент и недвижности.
- Така дојдов на 60 до 80 работни часа неделно, а патем и студирав - раскажува тој.
Заработувал 100.000 евра годишно, немал време за пријатели, немал живот надвор од компанијата. Но, во компанијата стекнал признание и почит. Празнината во личниот живот ја компензирал со уште поголем ангажман на работа. Почнал да ги губи килограмите, се разболил и воопшто не го забележал тоа.
Сè додека неговата лекарка не му препишала тридневно боледување по полесна сообраќајна несреќа. На боледување забележал дека не може да мирува. Лекарката му поставила дијагноза согорување.
- Дијагноза Ф 48.0 - прецизира Полдер.
Целосна промена
Повеќе не можел да се мотивира да оди на работа.
- Спиев 18 часа, а потоа со часови лежев, со лицето во перницата - вели тој. Побарал помош - и кај лекарите и кај алтернативните медицинари. Поминале три години откако ја напуштил работата. Но, од себе не можел тукутака да побегне.
- Целосно се променив, сега сум друг човек. Порано само работев, а сега го правам токму спротивното - нагласува тој. Го продал спортскиот автомобил, купил камп-куќарка и оттогаш живее од паркинг на паркинг, по можност во шума. Тек-тук нешто заработува како градежен консултант.
- Самиот се излекував - вели тој. Во неговата куќарка има десетици шишиња фолна киселина, витамини и минерали. - Здрав сум, сето тоа можам да го исфрлам - вели тој.
Нова мисија
Кристоф Полдер сега има нова мисија - и таа има врска со потрагата по признавањето. Пишува книга. Совети за студентите и инвеститорите во областа на недвижностите.
Исто така, напишал приказна и за себе, за падот и спасот. - Бев толку незадоволен од литературата за согорувањето бидејќи во секоја книга се пишуваше за тоа на кој доктор треба да одите со какви симптоми. Сакав да покажам дека човек може и сам да се извлече од болеста - вели Полдер.
Книгата ја напишал во рок од три месеци и ја објавил. Тој и понатаму е амбициозен, вреден, структуриран човек - и во неговиот нов живот.
- Шест чекори за закрепнување од согорувањето - тоа е ветувањето што тој им го дава на читателите.
Неговото закрепнување сè уште е свежо. За неколку години треба да провери дали тие шест чекори и животот во шума доволно го оддалечиле од стариот
Кристоф Полдер - оној што целосно согорел на работа.