Пред крајот на годинава, на 19 декември, германската влада конечно ќе гласа за нацрт-законот со кој во иднина би требало да се регулира доаѓањето на странците во земјата, пред сè, на стручните работници. Ова е преглед на најважните новости за тој закон.
Германија е земја во која има многу доселеници и на која ѝ се потребни странски работници. Тоа е одамна јасно, особено им е јасно на стопанствениците и на поголем дел од политичарите, додека конзервативците од ЦДУ и ЦСУ, кои веќе 12 години се на власт, одбиваа да го признаат тој факт со закон кој би го регулирал приливот на странци во земјата. Нивниот отпор е срушен, па на 19 декември германската влада ќе гласа за таканаречениот Закон за доселување на стручна работна сила (Fahkrefteajnvanderungsgezec - Fachkräfteeinwanderungsgesetz).
Законот би требало точно да регулира кој смее да оди во Германија - да работи или да се школува. Генерално, фокусот е ставен на луѓето што веќе имаат завршено факултет или се квалификувани, односно со стручна спрема. Законот и сега е релативно либерален за луѓето со висока стручна спрема, но за оние со помалку квалификации имаше многу пречки.
Со нацрт-законот сега се предвидува лицето што има завршено стручна спрема, а особено ако има најдено работа - да смее да работи во Германија. Тоа важи за сите професии. Тоа значи дека работна виза можат да добијат и лица чии занимања не се во групата на барани во Германија. Досега тоа беше еден од условите за добивање работна виза. Исто така, ново е тоа што при издавањето на работната виза веќе не мора да се докаже дека за тоа работно место нема соодветни кандидати од Германија или од ЕУ. Меѓутоа, доколку има потреба, оваа клаузула, со која се штити домашната работна сила, ќе може повторно да се воведе.
Уште едно ново правило е лицата што имаат стручна спрема да можат да бараат работа и во Германија - значи не мора да имаат договор за работа пред да влезат во земјата. На располагање ќе имаат шест месеци за барање работа. Покрај стручните квалификации, предуслов е и соодветно познавање на германски јазик и доказ за покривање на животните трошоци во текот на тој период, односно дека нема да зависат од државната поддршка во Германија.
За да можат странските работници да работат во Германија, нивната стручна подготовка мора да е признаена таму. Претходно токму околу тоа имаше многу проблеми. Меѓутоа, тоа со новиот закон би требало да се смени. Се работи на дополнително развивање на системот на признавање на степенот на образование и на подобро советување на заинтересираните лица од странство. Според германските медиуми, нацрт-законот содржи едно важно олеснување во врска со тоа. Имено, предвидена е „ограничена можност“ да може еден странски работник по пристигнувањето во Германија, под одредени услови, да ја поднесе својата диплома стекната во странство на признавање. Тоа значи дека квалификуваните странски работници можат да влезат во Германија, да работат и во меѓувреме да чекаат признавање на дипломата.
Кога станува збор за оние што бараат азил, нацрт-законот предвидува привремена дозвола за престој и работа во времетраење од две години - таканаречен „Beschäftigungsduldung“. Тоа значи дека ако барателот на азил има работа, две години не смее да биде протеран од Германија. Ова се однесува на лицата на кои им е одбиен азилот, кои најмалку една година имаат таканаречен „duldung“, кои најмалку 18 месеци имаат регулирана работа преку која плаќаат данок и придонеси и работат најмалку 35 часа неделно. Со овие ограничувања германската влада сака да спречи издавање на „Beschäftigungsduldung“ веднаш со известувањето за одбивање на азилот. Така, на овластените органи им се дава време да ги спроведат мерките за ставање крај на престојот во Германија за лицето на кое не му е одобрен азил.
Правилото - според кое на лицата на кои не им е одобрен азил и кои се на тригодишно стручно школување и потоа уште две години можат да работат во Германија, а да не им се заканува протерување - ќе биде проширено на таканаречени помошни работи, односно работи за кои не е потребна никаква квалификација. Предуслов е да се обврзат дека подоцна ќе завршат стручна обука за работа за која нема доволно работна сила. Тоа таканаречено 3+2
правило ќе важи во целата земја, што досега не беше случај.