Колку што јас се сеќавам, во минатото вакви големи горештини во месец јуни немало, тие се јавуваа во јули и во август. Денес читам вести во кои се вели дека температурата во Македонија ќе достигне 40°C. Во делови од градот Скопје со асфалт, бетон и згради ќе биде над 40°C. Причина за ова се климатските промени кои создаваат и топлински бранови со големи последици врз здравјето на луѓето, но и воопшто врз живиот свет на планетата.
Светската метеоролошка организација (WMO) официјално потврди дека 2023 година е најтоплата година досега. Годишната просечна глобална температура во 2023 година била 1,45°C над прединдустриските нивоа (пред 1850 г.). А според досегашните мерења, се очекува 2024 година да биде уште потопла.
Границата од 1,5°C поставена со Парискиот договор за климатски промени, која не треба да се премине до 2100 година, речиси е достигната сега. А според прогнозите на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC), преминувањето на границата од 2°C ќе предизвика катастрофи со неповратни последици врз животот на Земјата.
Се поставува најбитното прашање на денешницата, како може да се спречат климатските промени и уништувањето на животот на планетава? Мојот одговор е: не може да се спречат во денешниот воспоставен економски систем, вклучувајќи ги политичките и социјални односи. Не може!
Најголемиот дел од светот живее во капиталистичко општествено уредување засновано на пазарна економија, а главната цел е зголемување на профитот. За тоа е потребен постојан економски раст, што значи и раст на потрошувачката на енергија. Повисокиот профит води до повисок животен стандард, при што луѓето трошат уште повеќе енергија. Меѓутоа, големото производство и потрошувачка на енергија се главните фактори за глобалното затоплување на Земјата, односно климатските промени. Значи, во основа постои контрадикција помеѓу капитализмот и животната средина. Може ли да се најде некаков компромис? Ова прашање бара длабока анализа бидејќи општественото и економското уредување не се менуваат така лесно; никој не сака да се откаже од своите стекнати привилегирани статуси и од удобниот живот.
Поради загрижувачки размери на последиците од климатските промени, во 1988 г. воспоставено е меѓународно тело за климатски промени (IPCC), а во 1992 е донесена Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. Во тие рамки е донесен т.н. Протокол од Кјото со некои задолжителни мерки за развиените земји и неколку механизми за редукција на емисиите на стакленички гасови. Треба да се истакне и Парискиот договор (2015 г.) со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 2°C и настојување тоа да биде под 1,5°C до 2100 година.
Но ајде да ја погледнеме фактичката состојба. Како што се гледа на дијаграмот на сликата подолу, трендот на зголемување на емисиите на СО2 постојано се зголемува и покрај напорите на меѓународните и националните тела.
Во Бон (Германија) постои Секретаријат на Конвенцијата за климатски промени (UNFCCC). Тоа е тело на ОН со 450 вработени службеници со задача да ги поддржува глобалните активности во борбата против климатските промени вклучувајќи имплементација на Протоколот од Кјото и Парискиот договор. Покрај годишната конференција за климатски промени (СОР), Секретаријатот организира и годишни сесии на таканаречените помошни тела, како и голем број состаноци и работилници во текот на целата година. Еден таков собир (конференција) беше одржан неодамна во Бон од 3 до 13 јуни 2024 година. Накратко, еве ги заклучоците:
- Дефинирање нова амбициозна колективна квантифицирана цел за финансирање на климата во согласност со потребите на земјите во развој;
- Спроведување на исходот од првиот GST (Global Stocktake), вклучително и во однос на засилено ублажување;
- Забрзување на работата на индикаторите за адаптација;
- Операционализирање и обезбедување соодветна капитализација на новиот фонд за загуби и штети.
Не верувам дека на читателите овие заклучоци им се јасни и практични за преземање ефикасни мерки и активности. Но тоа е таа, јас би ја нарекол, климатска бирократија која организира и учествува на голем број собири, а резултатот го гледаме од дијаграмот погоре. Веројатно се сеќавате на девојчето Грета Тунберг кое во 2028 година (на возраст од 15 години) јасно и гласно кажа што треба да се прави за да се спречат климатските промени. На многу едноставен начин ѝ се обрати на јавноста, а со критики кон оние што се одговорни и кои го управуваат светот.
Спречувањето на климатските промени е комплексна проблематика, но постојат решенија како да се дејствува. Потребна е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа во општеството: поединци, заедници, компании, институции и влади. Треба да го редефинираме нашиот начин на живот, односот кон животната средина, намалување на потрошувачката на енергија итн. Првите чекори треба да бидат направени кон големите производители и потрошувачи на фосилни горива, а иницијативата треба да ја предводи токму денешната „климатска бирократија“.
На тема климатски промени сум пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица:
Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје
Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)