Замислете го вашиот живот како група слики во албум што се појавуваат со извонредни детали кога ви се потребни. Помнењето врз основа на психолошкиот процес е заедничко за сите луѓе. Во текот на овој процес создаваме идеја за себе и за светот околу нас. Кои би биле ние без помнењето?
Постојат три фази на помнењето: сензорско, краткорочно и долгорочно помнење.
Џорџ Шперлинг направил експеримент во кој на група луѓе им покажувал букви и броеви во траење од дел од секундата. Истражувањата направени пред овој експеримент покажале дека луѓето можат да се сетат на само пет симболи од слика.
Шперлинг со експериментот сакал да покаже дека и сетилото за слух влијае врз помнењето. Другиот дел од испитувањето бил направен така што по прикажувањето на сликата бил претставен одреден тон. Потоа испитаниците за време на слушањето високи тонови кажувале што се наоѓало во првиот ред од сликата, по средниот тон она што се наоѓало во средниот ред и по нискиот тон она што било во последниот ред. На тој начин било докажано дека луѓето можат да запомнат до 75 отсто од секој ред.
Психолозите го нарекуваат визуелно-сензорско помнење или сликовито помнење. Таквото помнење ја чува визуелната информација до една секунда, додека помнењето по слух ја чува и до две секунди.
Фотографско и еидетско помнење
Фотографското помнење опишано како способност на потсетување на голем број детали во вид на замрзната слика во психологијата всушност не постои. Слично на ова, но научно докажано, е еидетското помнење.
Феноменот со овој вид помнење се поврзува за поимот на сензорско помнење.
Еидетичарите по кратко гледање на сликата можат да опишат што виделе, и тоа со голема прецизност и точност на деталите. Интересно е тоа што еидетичарите зборуваат во сегашно време при опишувањето на сликата, како таа сè уште да е пред нивните очи. Феноменот на еидетско помнење не го поседуваат повеќе од 5 до 10 отсто од децата, а уште поредок е кај адолесцентите. Се смета дека ова е само посилна верзија на капацитетот за визуализацијата што сите ја имаме.
Еидетското помнење веројатно е извор на поимот фотографска меморија, но од овој популарен феномен се разликува:
1. Еидетските слики исчезнуваат брзо по гледањето на сцената. Не остануваат во меморијата подолг временски период, траат од половина секунда до неколку минути. Може да се уништи еидетската слика трепкајќи, но никогаш не може повторно да биде преземена од меморијата.
2. Врз еидетската слика влијае личната перцепција на набљудувачот, таа не е објективна репродукција како кога е фотографирана со камера. Сликата може да содржи додатоци, пропусти, па така сцените што се најинтересни, набљудувачите ги репродуцираат со најмногу детали.
3. На еидетичарите им е потребно повеќе од дел од секундата за да ја скенираат сликата и да ги запомнат деталите.
4. На луѓето со ваква меморија не можат да им служат еидетските слики за да го подобрат своето долгорочно помнење.
5. Вистинската еидетска слика не се поместува додека ги движите очите и е во иста боја како и оригиналот. Еидетичарите не се во состојба да контролираат кој дел од сликата исчезнува, а кој останува видлив.
Како се истражува дали некој има еидетска меморија?
Постојат две техники што се користат за да се утврди дали личноста поседува еидетска меморија.
Првата техника е илузија на длабочината. На испитаникот наизменично му се прикажуваат две различни слики. Сликите се дводимензионални, составени од ситни точки и само споени добиваат значење во вид на тродимензионална слика.
Другата техника се состои од тест во кој се даваат две слики во временско растојание. Потребно е од двете слики да се склопи трета, која би била дводимензионална. Со користење на овие техники може да се утврди и колку долго еидетските слики остануваат во меморија, како и дали новата слика ја заменува старата како кај сликовитата меморија.
Постои уште една техника за проверка колку децата поседуваат еидетско помнење. Истражувањето било направено со група деца од пониските одделенија кои набљудувале илустрација од книгата „Алиса во земјата на чудата“. Учениците ја набљудувале сликата триесет секунди. По набљудувањето на сликата, на децата им биле поставени прашањата: Колку риги има на опашката на мачката? и Колку цветови се наоѓаат на највисоката гранка? Децата со еидетската меморија би можеле точно да одговорат на ова прашање.
Познати случаи со еидетска меморија
Со првата техника, илузија на длабочина, се служел Чарлс Стромејер во случајот „Елизабет“. Младата девојка тврдела дека може да се сети на поезијата напишана на странски јазик чие значење не го разбирала. Испитувањата биле направени во период од два дена. Во текот на првиот ден Стромејер на Елизабет ѝ покажал слика со 10.000 точки кои таа ги набљудувала со левото око. Наредниот ден ѝ покажал друга слика со 10.000 точки кои таа ги споила со сликата од претходниот ден и добила тродимензионална слика за која тврдела дека ја гледа како лебди над површината.
Со истражување на еидетско помнење се занимавал и Адриан де Грут, проучувајќи ја способноста на шаховските велемајстори, круг на кој и самиот припаѓал. Тој заклучил дека велемајсторите на овој спорт може да запомнат комплексни позиции на шаховски фигури на табла и тоа повеќе од обичните играчи.
Веројатно еден од попознатите случаи на ваква меморија е случајот на Соломон Шерешевски, кого новинарот Александар Лури едноставно го нарекувал С.С. Тој можел совршено да се сети на 70 збора или броеви претставени во еден редослед, а подоцна и да се сети на обратниот редослед.
Човекот што е инспирацијата за филмот „Дождовен човек“ е Ким Пик. Тој поседувал способност за помнење голема количина информации. Можел да се присети на секој збор од секоја книга што ја прочитал. Му биле потребни 12 секунди да прочита една страница. За време на читањето помнел и до 98 отсто од информациите што ги примал.
Познати личности што имале еидетско помнење
Никола Тесла велел дека немал проблем со помнењето цели книги. Доживувал и појави на заслепувачки одблесоци на светлина придружени со халуцинации. Можел да се сети на неговото најрано детство.
Артуро Тосканини бил италијански диригент кој ја знаел секоја нота за секој инструмент во 250 симфонии и зборови и музика за 100 опери.
Еидетската меморија настанува спонтано и не може да се научи, но може да се истренира
мозокот да помни повеќе информации и полесно да ги извлече од меморијата.