X
 24.11.2016 Живот

Реченицата која го одбележа нашето детство: „Има да ме слушаш додека си под мој покрив!“

Често слушаме за тоа како децата денес имаат премногу права, како детските права ќе го уништат системот на вредности кој е традиционален во нашето општество, како давањето на права на децата ќе ја зголеми стапката на криминал и малолетничка деликвенција и слично.

Кога ќе слушнам вакво нешто ми станува јасно дека поимите право и привилегија не се јасно разграничени во начинот на кој луѓето околу мене ги разбираат.

Правата кои децата ги имаат произлегуваат од основните детски и човечки потреби: право да живееме како и основните егзистенцијални потреби, правото да бидеме сигурни од различни опасности кои можат да ни го загрозат животот, здравјето и развојот, право да играме (бидејќи играта е клучен фактор во интелектуалниот развој, но и развојот во целина), право да се одмараме, право да се образуваме, право на приватност и слично.

Привилегиите се сите оние работи и постапки со кои ги задоволуваме желбите (не потреби) на детето. Потреба е детето да јаде здраво, разновидно и во оптимална количина, а привилегија е детето да добива скапи и нездрави слатки во количина која тој/таа ја сака.

Потреба е детето да си игра - во согласност со својата возраст и индивидуални карактеристики, додека привилегија е да добива „Minecraft“ лего сет од најновата колекција.

Во првиот случај, привилегијата е јасно штетна по здравјето на детето, а во другиот е проблематична. Сепак, луѓето чии деца јадат благи редовно, го имаат секој модел на лего/барбика/компјутер и слично и неретко ќе кажат дека децата денес имаат премногу права. Денешните деца немаат премногу права, она што се тие денес е поради тоа што нивните родители и наставници ги мешаат важните права со бескорисни или потенцијални штетни привилегии. Она што исто така се случува е доминацијата на конфузен воспитен стил кој подразбира осцилирање меѓу авторитетот и попустливоста.

Ако сакаме ова подобро да го разбереме потребно е да го замислиме нашиот шеф/директор. Често, станува збор за личност која на отворен или прикриен начин очекува покорување на неговиот/нејзиниот став и налагање без оглед на тоа дали за оваа постапка постои соодветен аргумент. Потребно е да се направи тоа и точка. Важно му/ѝ е колку сте покорни и наклонети, и декларативно послушни.

Истото се гледа во случајот на воспитување и одгледување на децата. Во моментот, според мене, повеќето родители во нашата средина очекуваат да бидат почитувани и слушани од страна на децата и тие да ги гледаат како авторитет, со самото тоа што се родители. Тие очекуваат децата да го прифатат тоа што тие го кажуваат како вистина, очекуваат децата да се однесуваат онака како што родителите им кажуваат, да ги исполнуваат образовните и останатите очекувања и слично.

Клучната реченица која сите ние некогаш сме ја слушале во текот на нашето детство и растење е: „Има да ме слушаш додека си под мој кров и има да правиш како што ќе кажам јас, затоа што јас така кажав“. Ова е авторитарен образвен стил во чист обил - авторитетот се заснова на сила и моќ, а не на соодветни квалитети кои би довеле до тоа детето само да доживее дека заслужувате да бидете сослушани.

Ова е воедно и традиционален воспитен стил во нашата заедница и има неколку штетни последици: страв од посилниот и помоќниот и покорување од страв, но и штетно прикривање на вистината од страв. Овој воспитен стил моментално е „надограден“ со своја спротивност - попустливост во воспитувањето/ Често овие родители кои на своите деца им купуваат работи кои ја надминуваат нивната куповна моќ или се едноставно воспитно и образовно бескорисни, им дозволуваат на децата да поминат многу време пред компјутерот, телевизорот, телефонот, дозволуваат несоодветно време за излегувања, гледаат низ прсти за отсуствата од училиште, го критикуваат целиот свет поради проблемите кои ги има детето и слично. Она што е најлошо кај конфузниот воспитен стил е непредвидливоста на детето во кои ситуации  може да очекува одредено однесување на родителите и одредена реакција.

Да ја замислиме сликата на родителите кои најпрво го тепаат/навредуваат и му викаат на детето бидејќи направило или не направило нешто, а потоа го бакнуваат и прегрнуваат или му купуваат нешто или пак ја прекинуваат казната па дури и го наградуваат. Или кои викаат поради слабите оценки и мо зборуваат на детето дека е мрзеливо/глупаво/неспсобно, а потоа после релативно кратко време го фалат и го опсипуваат со нежности (често поради чувството на вина). Како резултат на ова децата учат дека:

- родителот е несигурен и не може да биде основа за сигурност; кога родителот е ваков, ваков е и останатиот свет, несигурен, небезбеден и страшен;

- родителот е потенцијално опасен и од него треба да се кријат непријатните факти;

- родителот не може да се задоволи - бидејќи децата не знаат што нивните родители од нив очекуваат;

- родителската љубов вклучува правила на однесување бидејќи љубовта се искажува со откажување од инсистирање на правилата;

- самото дете за себе мисли дека е лошо бидејќи не може да открие што за родителите значи „добар“; ни самиот родител не го знае тоа и секако испраќа лоша и конфузна порака;

- од родителот може да се извлечат пријатни привилегии кои за детето во суштина не значат многу бидејќи не ја задоволуваат потребат за љубов, но се пријатни и лесно достапни.

Зошто се случува ова?


Воглавно станува збор за модел на однесување на возрасните кој се пренесува од генерација на генерација, но е поткрепен со карактеристиките на родителите. Родителите кои после работен ден легнуваат на каучот, отвораат шише алкохол како начин да се „смират“ и „расположат“, родители кои пијат без контрола, обично се без волја да се подигнат од креветот и немаат волја да ги контролираат децата што прават или пак да се впуштат во смислен разговор со детето и немаат капацитет да постапуваат доследно во однос на детето. Станува збор за депресивни родители (или анксиозни и депресивни).

Што можеме да направиме?


Можеме да престанеме да очекуваме се' да се среди во целина или да очајуваме на фактот дека се' во целина никогаш нема да се среди. Потребно е да започнеме да средуваме малку по малку она над кое можеме да влијаеме. Можеме себеси да си ставиме маски за да бидеме во состојба да направиме нешто за своите деца. Можеме да продолжиме да се лечиме и да си признаеме себеси дека не сме добро. Можеме да бидеме упорни во барањето помош за себеси. Можеме да се искапиме и да го исчистиме просторот околу себеси. Можеме да воведеме едно важно правило на кое постојано ќе се придржуваме во однос на себеси и на нашето дете. Можеме да бидеме поштени кон себеси: можеби сме во нешто неуспешни и нереализирани, но имаме и некои постигнувања и добри карактеристики. Можеби општеството во кое живееме не е поддржувачко во поглед на воспоставување на вредни воспитни принципи, но има нешто што можеме и сами, а не сме го направиле досега.

Можеби можеме.

Автор: Б.Д.
Извор: Зелена учионица
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот