Во средата беше одржана светската премиера на филмот „Раст“ во Полска, по три години откако снимателката Галина Хачинс беше убиена на снимањето во Ново Мексико.
Организаторите на меѓународниот филмски фестивал „Камеримиџ“ во Торун, Полска, рекоа дека проекцијата е еден вид оддавање почит на 42-годишната снимателка родена во Украина, која, како што велат, го обожавала фестивалот и присуствувала на него.
Во октомври 2021 година филмот и неговата главна ѕвезда Алек Болдвин се најдоа на главните страници во медиумите по трагедијата на снимањето, кога актерот пукаше со пиштол, филмски реквизит, и ја уби Галина Хачинс, а го рани режисерот Џоел Соуза.
Наместо лажни, во пиштолот имало вистински куршуми, но не е утврдено како тие завршиле во филмскиот реквизит.
Болдвин, кој го игра главниот лик во филмот, не беше поканет и не присуствуваше на премиерата. Сопругот и синот на Галина Хачинс не присуствуваа на премиерата.
Родителите на Галина Хачинс, Олга Соловеј и Анатолиј Андросович, и нејзината сестра Светлана Земко исто така одбија да присуствуваат на премиерата.
Сценаристот и режисер Џоел Соуза, кој беше ранет при пукањето, на премиерата изјави дека во еден момент не можел ни да замисли дека некогаш ќе се врати на снимањето, бидејќи сѐ било премногу болно. Тој додаде дека се премислил и решил да го заврши филмот откако разговарал со Мет, сопругот на Галина Хачинс.
Но, некои истакнати холивудски филмаџии ја критикуваа одлуката на организаторите на фестивалот во Торун, град на северот на Полска, сметајќи дека тоа го оцрнува споменот на Галина Хачинс.
Адвокатот на родителите на Хачинс велат дека премиерата е обид да се профитира од смртта на нивната ќерка.
- Со одбивање да ми се извини и одбивање да преземе одговорност за нејзината смрт, Болдвин продолжува да ми предизвикува болка - изјави мајката на Хачинс.
Болдвин беше обвинет за убиство од небрежност, но беше ослободен од судијата во јули оваа година.
Во март, одговорната за оружје од филмската екипа, Хана Гутјерез-Рид, беше прогласена за виновна за убиство од небрежност и отслужува 18-месечна затворска казна.
Оригиналниот буџет на филмот беше 6,5 милиони долари, а беше снимен на ранч во близина на Санта Фе. Филмот вклучува и голем дел од сцените снимени од Галина Хачинс.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube