Како да патувате што е можно повеќе, а да платите што е можно помалку? Ова прашање ги мачи многу љубители на патувањето чии желби често го надминуваат расположливиот буџет.
Една од сè попопуларните локации што го олеснува истражувањето на светот е платформата „Трастед хаус ситерс“. Идејата е следна: луѓето на кои им треба некој да се грижи за нивното куче, мачка, папагал или друго животно, бараат личност на оваа платформа, а таа личност пристигнува во нивниот дом, престојува таму бесплатно и се грижи за миленичето. Редовните прошетки, хранењето и гушкањето оставаат доволно време за безгрижно истражување и запознавање на самата дестинација. Сопствениците на домашни миленици, исто така, имаат корист, заштедувајќи во споредба со трошоците на професионалните чувари на миленичиња и хотелите за кучиња или мачки.
Сѐ започнало во шпанско село поради љубовта кон кучето Дејв
Платформата е основана во 2010 година од љубовта кон животните. До денес преку неа се реализирани повеќе од четири милиони ноќевања од луѓе кои откриле како бесплатно да патуваат низ светот додека се грижат за домашните миленици. Платформата има членови од повеќе од 130 земји во светот, а се проценува дека нивните корисници успеале да заштедат повеќе од половина милијарда долари за сместување и трошоци за нега на домашни миленици.
Зад сето тоа стои Енди Пек, кој имал тешка несреќа на Андите пред повеќе од 10 години. Додека закрепнувал во прекрасното шпанско село, во куќа што ја нашол преку платформата на „хауситерите“ (популарно чување и размена на куќи), се зближил со кучето Дејв. Разговарајќи со сопственикот на Дејв, тој сфатил колку е тешко и скапо да се најде некој што ќе го чува миленичето додека сопственикот е на пат. Тогаш дошол до идеја да започне платформа која ќе ги поврзе љубителите на животни и ќе им овозможи поевтино да патуваат низ светот.
Се плаќа годишна членарина која е поевтина од хотели, „Ербиенби“ и хотели за кучиња
Регистрацијата на платформата е бесплатна, но се плаќа годишна членарина од 129, 199 или 249 евра годишно, во зависност од избраниот пакет. Кога влегувате на веб-страницата, вие избирате дали сакате да чувате животно или дали ви треба некој да се грижи за вашето милениче. Ако ја изберете првата опција, ќе се наведат огласите на оние што планираат патување и имаат потреба од чување, а во вториот случај ќе се отвори оглас во кој треба да ги напишете датумите, локацијата и видот на животно кое некој треба да го чува додека сте отсутни.
Веб-страницата е безбедна, корисниците се верификувани и имаат оцени
Сопствениците на животни можат да бидат мирни и спокојни затоа што сите регистрирани чувари на миленичиња се проверуваат и се потврдува нивниот идентитет, а на веб-страницата можете да ги видите оцените што им ги дале претходните сопственици на животни кај кои престојувале.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik