X
 17.03.2021 Живот

ЕК предлага воведување на дигитална потврда за отворање на границите на ЕУ

Европската комисија денеска предложи уредба за воведување дигитална потврда која би требало да овозможи сигурно патување во Европската Унија за време на пандемијата. Тоа ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано, дека веќе ја прележало болеста или дека има негативен тест на Ковид-19, пренесува хрватски „Индекс“.

Потврдите ќе бидат бесплатни, во дигитален или хартиен облик на јазикот на земјата што ги издава и на англиски. Тие ќе имаат и QR-код за да се осигури безбедност и автентичност на потврдата.

Потврдите ќе треба да бидат усогласени и проверливи во целата Унија.

Потврдите ќе содржат ограничен број податоци, како што се име, датум на раѓање, датум на издавање, релевантни информации за вакцината/тестот/закрепнувањето и единствен идентификатор на потврдата.


Комисијата ги повика земјите членки и Европскиот парламент што поскоро да го усвојат предлогот за уредбата да може да стапи во сила до летото.

Потпретседателот на Комисијата, Маргаритас Шинас, истакна дека потврдата треба да биде подготвена до летото, а летото почнува на први јуни.

Станува збор за мерка која најмногу е наменета за спасување на туризмот во Унијата.

Комисијата се одлучи за уредба затоа што земјите членки се должни директно да ја применат, спротивно од препораките, кои и така малку земји ги почитуваат.

Со оглед на тоа дека нема доволно вакцини, Комисијата сака потврдите да содржат и резултат од тестирање за Ковид-19 или присуство на антитела за лицата што немале можност да се вакцинираат да не бидат дискриминирани.

Според податоците на Комисијата, досега се вакцинирале само 3,5 отсто од населението во ЕУ.

Извор: index.hr
Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот