Вечерва во 20 ч. ќе се одржи премиерата на претставата „Енциклопедија на мртвите“ (работена по лавиринтите на Данило Киш). Претставата е во режија на Срѓан Јаниќијевиќ.
Секој што сака да ја проследи претставата, треба да се обрати на
фејсбук-настанот на претставата или на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ за да добие линк, што всушност има улога на билет.
Улогите ги толкуваат: Ивица Димитријевиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ, Жарко Јовановиќ и Александар Прокопиев. Драматург е Ивана Нелковска, кореограф – Александра Кочовска-Начева, музиката е на Јаниќијевиќ, а дизајнот на плакатот – на Зоран Кардула. Продуцент на проектот е Српскиот културен центар „Спона“, а поддржан е и од Општина Центар и Министерството за култура.
Претставата е доминантно на македонски, со делови и на српски јазик.
-Ние, актерите, играме во живо на разни локации во Скопје и надвор од него. Со други зборови, ние сме далеку од безбедната зона на театар, целосно зависиме од моменталните услови и немаме комплетна контрола на случувањата. Тоа ја прави секоја изведба оригинална и возбудлива. Публиката, од друга страна, добива линк од „Јутјуб“ и може да ја гледа претставата од удобноста на својот дом. За секоја наредна изведба ќе се обезбеди нов линк, а стариот се брише, со цел како и во театар, публиката да не може да проследи две исти изведби - објаснува актерката Вујошевиќ.
Оваа претстава режисерот Срѓан Јаниќиевиќ ја објаснува како „револт кон системот, револт кон Бога, револт кон реалноста, револт кон злото, примитивизмот, медиокритетството и конечно - револт кон смртта. Претстава која ја фикционизира реалноста и документира фикцијата“.