X
 08.05.2019 Култура

Сашко Коцев: „На Макбет му дадов човечка димензија, одговорност и грижа на совест“

Македонскиот народен театар, утревечер во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, што ќе биде и прво поставување на оваа Шекспирова трагедија во продукција на МНТ. Премиерата е од програмата на театарот за 2018, но се одложи поради доцнење на финансиите и трипати беше презакажувана, пишува МИА.

Витошевиќ ја направи и адаптацијата на текстот според препевот на Богомил Ѓузел. Клучна тема е амбицијата за власт и самодеструктивноста на човековата природа што, според режисерката, е и вонвременска тема, зашто она за што Шекспир пишувал пред пет века, алудирајќи на настани во тогашна Англија, се препознава и во денешниот либерален капитализам – личниот интерес и желбата за брз напредок се исти како и борбата за престол во која целта ги оправдува средствата. За својата драма англискиот драматург искористил реален лик кој владеел 18 години во Шкотска во 11 век, но на својата приказна Шекспир ѝ дал надреалност со ликовите на трите вештерки што имаат важна улога во драмата.


Сцена од „Макбет“, фото: Кире Галевски

- „Макбет“ е култно дело на Шекспир кое ме интересираше уште од студентските денови. Отсекогаш ме интригираше тоа што драмата е на еднаков начин и психолошка и политичка. Таа зборува за една болна политичка амбиција за власт која главните ликови ги носи во психолошки распад. Ненаситноста за власт расте и таа води кон тиранија. Тоа им се случува на главните ликови, Макбет и Леди Макбет. Нивната преголема амбиција ги носи во пропаст и се дават во морето од крв што ќе пролеат од нивните жртви. Главните ликови на крајот умираат поради грижата на совест - рече Витошевиќ.

Таа нагласи дека „Макбет“ е тешка тема, најголем проект што досега го работела и со најголем буџет, околу 1,8 милион денари. По 12 години занимавање со театар првпат, рече, добива адекватна можност да сработи претстава со која ќе покаже што знае и до која фаза стигнала како режисер.

Сашко Коцев, кој го игра насловниот лик, рече дека откако ја добил поканата, се преиспитувал дали е подготвен за Макбет.
- Амбицијата го победи Макбет и направи страшно дело. Секоја чест на човек што може тоа да го направи и така да стигне горе, без никаква грижа на совест. Тоа не е човек. Не можевме така да го направиме нашиот Макбет. Сакав да му дадам човечка димензија, одговорност и грижа на совест - истакна Коцев.
За среќа, додаде актерот, за време на подготовките не им се случиле лични несреќи, што е мит кога се поставува „Макбет“, освен што театарот во земјава е на маргините, немаме министер за култура, а првите пари за продукцијата стигнале неодамна и костимите и сцената ги добиле пред само неколку дена.



Неговата сопруга во претставата, Леди Макбет, ќе ја игра Драгана Лошкова, која на прашањето од каде потекнува нездравата амбиција на нејзиниот лик, рече дека тоа не е напишано во текстот, но претпоставува дека е поради духовна фрустрираност.
- На едно место во текстот се споменува дека тие не се оствариле како родители, па ние тоа го зедовме како претпоставка. Веројатно, во една фаза кога човек не може да се реализира како родител или духовно да се реализира, тоа раѓа фрустрација или комплекс. Ако не се освести за тоа, веројатно развива некаква нездрава амбиција - рече Лошкова.



Во „Макбет“ играат актери на МНТ, но и студенти од ФДУ. Покрај Коцев и Лошкова, во актерската екипа се и: Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров, Филип Ивковски и Адриен Боирал.
Костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, со која режисерката Витошевиќ има повеќегодишна соработка. Сценографијата е на Костантин Трпеноски, а автор на музиката е Огнен Анастасовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура