X
 21.08.2019 Наука

Откриена нова форма на загадување со пластика која личи на камења

Загадувањето со пластика стаса и до дивината на Антарктикот. Пластиката ја има на највисокиот врв и во најдлабоката јама на Земјата, а сепак распространетоста на оваа подмолна напаст може да нè изненади. Според ново истражување, пластиката сега се појави камуфлирана како обични камчиња.

Овие мали парчиња пластика наречени пиропластика се создаваат кога пластиката се загрева како дел од процесот на производство или кога парчињата пластика се топат при непознати процеси во животната средина. Потоа тие се нагризени од времето на речиси ист начин како карпите, расфрлајќи микропластика додека лажните камчиња се оштетуваат од песокот и морето.

Поради тоа што многу личат на карпи, овие пиропластики можеби не биле забележани низ целиот свет. Истражувачите забележуваат дека тие се слични на пластигломератите најдени на Хаваите, парчиња пластика измешани со песок и школки, стопени заедно од логорските огнови.

Но, не е исто. Пиропластиките се речиси чисто пластични парчиња.

- Пиропластиката очигледно се формирала од топење или горење на пластиката и е различна во однос на потекло, изглед и дебелина. Со оглед на тоа дека пиропластика собрале колеги од плажите на Атлантикот во Шпанија и пацифичките плажи во Ванкувер, тие не се регионален феномен и постојат сомнежи дека нејзината дистрибуција може да е проширена, но дека недостига документација поради изгледот - истакнуваат истражувачите.


Фото: Science Alert

И како тоа да не е доволно, оваа пластика може дури и да испушта олово во околината.

Научникот Ендрју Тарнер од Универзитетот во Плимут, Велика Британија, и неговите колеги направиле истражување на 165 парчиња пластика од плажите во Корнвол. Тие добиле и 30 парчиња од Шкотска, Ирска и Северозападна Шпанија. Тимот извршил тестирања за да открие од што се направени парчињата и било утврдено дека се или претежно полиетилен (кој често се користи за пластични кеси), полипропилен (тврда пластика која често се користи за амбалажи и контејнери) или комбинација од двете.

Но, анализите со рендгенолуминисценција откриле присуство на олово - често придружувано со хром. Тоа посочува на присуство на олово-хромат, состојка која може да се меша со пластиката за да ѝ даде жолта, црвена или портокалова нијанса.

Нејзината употреба беше ограничена со Директивата за рестрикција на опасни супстанции, но количините што биле пронајдени во примероците ги надминувале границите, што посочува на тоа дека пластиката е од пред 2003 година.

Истражувањата посочуваат и дека состојките во пластиката може да се делумно биодостапни - може да се најдат во живи организми.

Потребни се истражувања за да се утврди колкав дел од оваа камуфлирана пластика се крие пред нашите очи, велат истражувачите. Само тогаш можеме точно да измериме колку микропластика и опасни соединенија испуштаат во околината.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука