Оваа година донесе неколку големи кинохитови. Филмовите „Проект Хејл Мери“, „Мајкл“ и „Супер Марио галакси филм“ остварија исклучително добри резултати. И покрај тоа, Холивуд забележа многу комерцијални неуспеси.
Буџетите на филмовите главно се проценки бидејќи студијата не откриваат точни финансиски податоци. Сите филмови од оваа листа не успеаја да вратат ни половина од вложениот буџет во кината, а некои забележаа многу ниски приходи. До крајот на годината можно е листата да се прошири со нови наслови, пишува „Фар аут мегазин“.
5. Меланија
Филмот го прикажува животот на првата дама Меланија Трамп во период од 20 дена пред втората инаугурација на нејзиниот сопруг. Режијата ја потпишува Брет Ратнер, а го продуцираше „Амазон МГМ студиос“.
Филмот имаше кинодистрибуција во повеќе од 20 земји со истовремена премиера на „Амазон прајм“. Според достапните процени, заработи 16,7 милиони долари, а буџетот за филмот беше 40 милиони долари. Публиката главно беше од постара возраст, а филмот забележа послаб интерес надвор од кругот на симпатизерите.
4. Невеста!
Режисерката Меги Џиленхол донесе реинтерпретација на класичната приказна за Франкенштајн од перспектива на неговата невеста. Џеси Бакли глуми жена која ја убива суров гангстер, а потоа ја воскреснува како идна сопруга на суштеството на Франкенштајн, кое го толкува Кристијан Бејл.
Филмот спои амбициозна премиса со познати актерски имиња. На буџет од 80 до 90 милиони долари заработи 24 милиони долари на светските киноблагајни. Објавен е неколку месеци по другата голема адаптација на Франкенштајн.
3. Животинска фарма
Енди Серкис ја режира анимираната верзија на познатиот роман на Џорџ Орвел. Наместо на мрачна политичка алегорија, филмот се фокусира на младото прасе Лаки (гласот е на Гејтен Матаразо).
Проектот беше долгогодишна желба на Серкис. На буџет од 35 милиони долари филмот заработи само 6,3 милиони долари. Објавен е во мај оваа година.
2. Господари на универзумот
Травис Најт ја режира новата филмска адаптација на класичната франшиза за Химен. Главната улога ја толкува Николас Галицин, а се работи за долго подготвуван проект кој пристигна во кината речиси 40 години по претходниот игран филм.
Филмот досега оствари заработка од околу 105 милиони долари. Проценетиот буџет изнесуваше меѓу 170 и 200 милиони долари.
1. Пустински војник
Руперт Вајат го режира епскиот акционен филм сместен во 7 век во Арабија. Во главните улоги се Ентони Маки, Шарлто Копли и Бен Кингсли. Снимањето е завршено уште во 2022 година, а го финансира Саудиска Арабија во рамките на напорите за развој на домашната филмска индустрија.
По долготрајна постпродукција, филмот конечно беше објавен во април оваа година. На буџет од 150 милиони долари заработи само 733.940 долари. Со тоа забележа загуба поголема од 99,5 проценти и се смести меѓу најголемите филмски промашувања во поновата филмска историја.
Фото: принтскрин/јутјуб