Уште една забрана од Европската Унија ќе им го отежни секојдневниот живот на Европејците. Халогените светилки од први септември одат во историјата, иако 60 години беа главен извор на светлина во мнозинството домаќинства, а ќе мора да се заменат со значително поскапите ЛЕД-светилки.
Преминот нема да се случи веднаш, односно уште некое време ќе се продаваат халогени светилки, додека трговците не ги потрошат резервите, а се очекува граѓаните да ја искористат можноста и сами да си направат резерви дома. Значи, ќе се продаваат, но нема да се произведуваат нови.
Халогените светилки се забранети со европска директива за да се намали емисијата на јаглероден диоксид, но и потрошувачката на електрична енергија. Исто така, таквите светилки се поевтини од ЛЕД, кои ќе мора да бидат присутни во сите домаќинства.
Фото: Pixabay
Џонатан Булок од Европскиот парламент смета дека ЕУ нема право да им наредува на луѓето што да купуваат.
- Ова ќе биде најголем удар за сиромашните граѓани, а на сите им се укинува правото на избор - рече тој.
Продукт-менаџерот во „Енерџи сејвингс траст“, Стјуарт Муир, не се согласува со тоа.
- Халогените светилки можеби се поевтини на почетокот, но трошат толку енергија што на крајот испаѓаат поскапа опција. А уште и траат најмногу две години, додека ЛЕД-светилките можат да работат и 15 до 20 години - истакна тој.
Забраната најверојатно ќе доведе до значително зголемување на продажбата пред да стапи во сила забраната, слично како кога беа забранети правосмукалките со
преголема сила.