Утринава на клиниките за кардиохиругија и урологија започна трансплантација на срце и бубрези од починат донор, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи. Тој додаде дека донорот е 42-годишна пациентка чија последна желба била да ги донира органите.
- По интензивни подготовки во текот на ноќта, рано утрово беше завршена експлантацијата на срце и бубрези од донорот. Сите неизмерно благодариме и се поклонуваме пред огромната човечка хуманост на 42-годишната пациентка која ја загуби битката со животот и ѝ ја исполнуваме нејзината последна желба - нејзините органи да бидат донирани. Трансплантацијата на срце се врши кај пациент кој подолго време е на листата за трансплантација, а бубрезите ќе бидат трансплантирани кај двајца пациенти на 40-ина години кои се на дијализа - напиша министерот.
Филипче наведе и дека од мај 2020 досега се извршени експлантации од 7 починати донори, а трансплантирани се 5 срца, 12 бубрези, 1 коскено ткиво.
- На моите колеги од КАРИЛ, Клиниката за каридохирургија, Клиниката за урологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за нефрологија, Институтот за трансфузиона медицина и Институтот за радиологија, им посакувам успешна работа. Сочувство до семејството на 42-годишната пациентка и неизмерна благодарност за нивната хуманост и добрина - истакна тој.
Насловна фотографија: Фејсбук