X
 26.06.2023 Здравје

Каде сѐ може да се формира камен во човечкиот организам?

Голем е бројот на органи во нашиот организам во кои може да се формира камен. Некои од тие камења се мали и не предизвикуваат болка, но за некои се потребни хируршки зафати за да се ослободиме од нив.

Каменот, обично калциумски (т.н. калцификати), кој се состои главно од калциум оксалат, најчесто се создава во бубрезите, мочниот меур, жолчната кеса, но и на други места во нашиот организам.

Камења во бубрезите

Овие тврди грутки „растат“ кога минералите, обично калциум, ќе се соберат во нашиот уринарен тракт. Ако станат доволно големи за да ги блокираат целосно или делумно мочните канали, тие предизвикуваат силни болки, особено во грбот, во близина на колковите и ребрата. Во урината може да се појави крв или дури и парче камен. Помалите понекогаш може сами да излезат преку урината. Во случај кога има поголеми камења, лекарите упатуваат на операција.

Грло

Храната, мртвата кожа или другите остатоци можат да се фатат на крајниците и да се стврднат во камења кои се нарекуваат тонзилолити. Во тој случај може да имаме воспаление на грлото, непријатен здив и отечени крајници со бели точки. Камењата од крајниците може нежно да се исчистат со четка за заби или памучно стапче или да се измијат со солена вода. Доколку тоа не дејствува, треба да се консултирате со лекар.

Мочен меур

Ако не ја испуштаме урината целосно, можеме да добиеме камен во мочниот меур. Причина може да биде и превисокото присуство на некои минерали во урината, а прениско присуство на други. Овие камења се формираат само или откако каменот во бубрегот ќе стаса до мочниот меур и ќе стане поголем. Може да имате заматена или крвава урина или болка во долниот дел од стомакот кога одите во тоалет. Третманот за лекување може да се лекови, операција или разбивање со звучни бранови и ласери.

Камен во жолчната кеса

Холестеролот и соединението наречено билирубин во жолчката можат да доведат до создавање камења во овој орган. Каменот во жолчната кеса не претставува опасност, но може да предизвика сериозни компликации. Големината на камењата варира, од неколку милиметри до неколку сантиметри. Доколку каменот предизвикува болки, треба веднаш да реагирате.

Простата

Кај мажите простата е мала жлезда во близина на мочниот меур која создава течност за заштита на спермата. Каменчињата што се формираат во овој орган се со големина на зрно од афион и почести се кај средовечните и постарите мажи. Обично не е потребен третман бидејќи не предизвикуваат симптоми, но понекогаш се инфицираат, што може да доведе до воспаление на простатата и да предизвикаат проблеми со уринарниот тракт. За тоа може да се потребни антибиотици или друг третман.

Камен во устата

Камен во плунковната жлезда или сијалолитијаза е состојба во која се формира камен во плунковната жлезда или каналите и така се блокира протокот на плунката. Овие камења, обично формирани од калциум фосфат и хидроксиапатити, може да предизвикаат болка и отекување на лицето, а симптомите може да се јават на едната или на двете страни на лицето. Третманите за оваа состојба вклучуваат масажа, примена на топлина и понекогаш операција.

Панкреас

Овој орган во средината на стомакот создава хормони кои помагаат во варењето на храната и го одржуваат стабилно нивото на шеќер во крвта. Каменот може да премине од жолчната кеса преку жолчните канали до панкреасот и да предизвика воспаление. Тогаш може да дојде до појава на треска, забрзан пулс, мачнини и болки во стомакот кои се засилуваат по оброк и се шират во грбот. Ако каменот не помине сам, може да се извади од страна на лекар. Некогаш може да е потребно и отстранување на жолчната кеса, која е извор на проблемот.

Камен во нос

Овој редок камен настанува кога некакво парче, гумичка, семе, дрвце или слично ќе се забоде во носот, што често се случува во детството. Со текот на годините може да привлече минерали како калциум, магнезиум и железо и да стане поголем. На крај можеби ќе предизвика болка или слуз со непријатен мирис што тече само од едната ноздра. Тој може да се забележи од страна на лекар и хируршки да се извади.

Стомак

Многу ретко се создаваат камења во дигестивниот систем. Може да ги предизвика болест како дивертикулитис или инфламаторни болести на цревата. Причина за нивно настанување може да бидат промени во стомакот и цревата поради болести, генетика или претходни операции. Во тој случај лекарот веројатно ќе предложи операција. Исто така, тој ќе се обиде да открие која е основната причина за создавањето на камењата за да не се повтори нивната појава.

Извор: eklinika
Фот: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје