Пред точно 37 години биле пронајдени остатоците од познатиот брод „Титаник“. Ново видео во висока резолуција покажува досега невидени детали од бродот кој потонал пред 110 години.
Видеото објавено од компанијата за истражување океани „Оушн гејт експедишнс“ го покажува трупот на бродот и некои сосема нови детали. Долгогодишниот експерт за „Титаник“, Рој Голден, изјавил дека последното видео успеало да му открие досега непознати работи.
- Ги проучувам остатоците со децении и не можам да се сетам дека сум видел друга слика што прикажува вакво ниво на детали. На пример, никогаш не сум го видел името на произведувачот на сидрото, „Ноа Хингли енд санс лтд“, кој е наведен од неговата лева страна - изјавил Голден.
Видеото го покажува и драматичното пропаѓање на бродот. Од компанијата изјавиле дека ваквите снимки отсега ќе се користат за следење на пропаѓањето на бродот, но и за подобро документирање на остатоците.
„Титаник“ тргнал на своето прво патување преку Атлантскиот Океан кон Њујорк во 1912 година со вкупно 2.200 патници. Бродот се судрил со санта мраз и потонал, а преживеале само 712 луѓе. Неговите остатоци биле откриени на 1 септември 1985 година, и тоа 21,2 километар подалеку од последната испратена локација.
Извор:
Klix
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)