X
 14.10.2022 Наука

Дали знаете што е „шумата на чудните“? Во неа е откриено суштество наречено величествен вонземјанин

Во 2017 година, додека истражувале подводен вулкан лоциран на длабочина од повеќе од 2 километра во Тихиот Океан, научниците биле воодушевени од глетката што ја затекнале.

Наместо дрвја, оваа подводна шума била составена од корали со чудна форма. Меѓу највпечатливите бил коралот наречен „Rhodaniridogorgia“, кој потсетува на четка за шишиња, како и сплескани корали во облик на харфа, на чии гранки се наоѓаат долгите и розови роднини на морските ѕвезди. Околу нив имало стаклени сунѓери.

Но, кога бил забележан сунѓер со високо стебло на чиј врв се наоѓал завршеток во форма на диња со две дупки, што научниците ги потсетувало на очи, тие го нарекле „И-ти сунѓер“ според ликот од истоимениот филм на Стивен Спилберг. Три години подоцна, најинтригантното откритие од „шумата на чудните“ го добило научното име „Advhena magnifica“ или „величествен вонземјанин“.

Сунѓерите може да изгледаат како растенија, но тие всушност се животни. Немаат лице, мозок, срце, мускули или кој било друг орган. Повеќето од нив го поминуваат својот живот прикачени на морското дно, собирајќи мали пловечки честички од храна со нивните сунѓерести тела.

„Величествениот вонземјанин“ бил забележан само еднаш претходно, во близина на Маријанскиот Ров, по што бил земен примерок и однесен на преглед кај д-р Кристијана Бранко. Штом го видела, знаела дека гледа во нешто сосема различно.

Неговото тело е составено од ситни структури наречени спикули, направени од силициум диоксид. Разгледувајќи ги овие сложени структури под микроскоп, Бранко забележала дека тие се разликуваат од оние што ги видела во другите сунѓери. Затоа, таа заклучила дека не станува збор само за нов вид, туку и за сосема нов род на длабокоморски сунѓери што никој претходно не ги опишал.

Меѓутоа, кога го погледнала видеото од „шумата на чудните“, забележала дека сите сунѓери биле ориентирани во иста насока за собирање хранливи материи. Ова ја навело да помисли дека под микроскоп новооткриениот вонземен сунѓер изгледа поинаку - има поинаква структура во споредба со другите сунѓери - затоа што се приспособил на суровите услови за полесно да најде храна на места каде што е реткост.


Извор: National Geographic
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука