X
 23.01.2020 Образование

Илјадници професори на британските универзитети третирани како граѓани од втор ред

Илјадници професори на британските универзитети се третирани како граѓани од втор ред со несигурни договори, се наведува во извештај во кој се нагласува алармантниот подем на масовното краткорочно вработување во високото образование.

Според извештајот на Синдикатот на универзитетите и колеџите (УЦУ), институциите создале ниско платен кадар кој треба да ги подучува студентите, да врши истражувања и да работи во библиотеки и покрај тоа што има напредни постдипломски или други академски квалификации.

Во извештајот се повикува Канцеларијата за студенти, регулаторот за високо образование во Англија, да побара од универзитетите да објават бројки и да покажат колку персонал имаат на определено време, но се бара и истражувачките совети да инсистираат оние што ги земаат нивните грантови да вработуваат персонал со подобрени договори.

Неименувана професорка им кажала на авторите дека ѝ дале 6-месечен договор за предавање без интервју или обука и ѝ било кажано едноставно да чита забелешки оставени од претходниот предавач, поради што студентите биле незадоволни.

Други истакнале дека супервизорите барале признание за истражувањата и покрај тоа што биле малку вмешани, како и дека морале да трпат зајадливи менаџери кои ги понижувале. Вработените на определено рекле дека чувствувале дека не се во можност да се одбранат од барањата на менаџерите или од оние што се вработени на неопределено.

Џо Грејди, генералниот секретар на УЦУ, вели дека студентите би биле шокирани од нивоата на дехуманизација на персоналот на универзитетите на кои студираат.

Во извештајот се истражувани податоци кои покажуваат дека 67.000 истражувачи биле вработени со договор на определено, што е две третини од вкупниот број истражувачки персонал вработен во универзитетите, заедно со 30.000 луѓе - наставен персонал кој работи под договор, а многумина од нив и ги плаќаат по час. Дополнителни 69.000 професори се со „нетипични договори“ и не се вбројуваат во главниот персонал, додека 6.500 се со договори според кои работодавецот нема обврска да обезбеди некаков минимален број работни часови, а работникот не е обврзан да ја прифати понудената работа (договор на нула часови).
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование