X
 09.08.2021 Живот

Што е паничен напад и зошто се појавува?

Паничните напади се честа појава кај луѓето. Некогаш се послаби, а некогаш посилни. Панично нарушување се дијагностицира кога личноста често има панични напади или постојано го очекува следниот паничен напад.

Како изгледа паничниот напад?

Паничниот напад е неочекувано чувство на многу силен страв или изразена непријатност за време на ситуации во кои повеќето од луѓето не би се чувствувале така.

За време на паничниот напад може да се појават некои од следните симптоми: потешко дишење или недостаток на воздух; забрзана работа на срцето; трнење во прстите; заматен вид; вртоглавица; препотување; губење свест; болка во градите; топли или студени бранови по телото; гушење; потреба да се избега; сува уста; потреба да се оди во тоалет; напнатост во мускулите; треперење во стомакот или мачнина; чувство дека не можете да зборувате или да се фокусирате; страв дека ќе умрете, изгубите контрола или полудите.

Зошто се јавуваат паничните напади?

Ретко се случува паничниот напад да биде предизвикан од само една причина. Најчесто, станува збор за комбинација од различни фактори.


Фото: Pexels

Стресот е честа причина за појава на паничен напад, но некои лица едноставно се поподложни на развивање панични напад поради наследни фактори или темпераментот, како и трауми од детството. Паничниот напад може да биде последица и на хипервентилацијата, која се однесува на неправилното дишење.

Некои лица постојано живеат во страв од иднината и се преокупирани со паничните напади, дури и тогаш кога ги немаат. Таквиот страв може да предизвика паничен напад.

Во основа, паничниот напад најчесто претставува страв од смртта или страв од лудило. Но треба да се знае дека од паничниот напад не може да се умре или полуди, а со текот на времето личноста учи како да ги контролира паничните напади.

Паничните напади сепак може да се намалат со помош на психотерапија на која се учат техники за спречување и намалување на истите, како разбирање на причините за појава на паничните напади.

Извор: Ubuntu Centar
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот