Колку пари ќе има македонското образование в година, науката и во 2019-та нема да добие соодветно место, сестрите Билјана и Викторија Чавкоски стигнаа до Харвард, разговаравме со проф.д-р Венка Симовска од Копенхаген, која направи паралела помеѓу образовните системи на скандинавските земји и Македонија... ова се дел од темите на кои тимот на факултети.мк се фокусираше изминатата недела.
Македонија полека станува интелектуална
аутсорсинг-сила. Кога државата не сака да ги плати научниците, има други што ги плаќаат. Ако сакаме државата да се развива понатаму, тоа е незамисливо без сериозна инвестиција во науката. Ова се дел од коментарите на универзитетски професори на предлог-буџетот за наука за 2019 година, кој е намален за околу 10 милиони денари во споредба со лани. Парите се наменети за три ставки: научноистражувачка работа, научни институти, за превод на книги од реномирани автори.
Информацијата дека Градот Скопје аплицирал за наградата „Европска зелена престолнина 2021“ голем дел од граѓаните ја прифатија како првоаприлска шега. Дали Скопје воопшто има некој адут да се мери со другите градови? Каква е состојбата со зелените површини, со неконтролираното градење згради и неповратното уништување на зеленилото, прашавме екологисти и универзитетски професори. Сите се согласни дека состојбата со урбаното зеленило во
нашиот главен град е депримирачка.
Викторија и Билјана Чавкоски
Билјана е универзитетска професорка, а Викторија е дипломат. Израснале во Струга и од мали покажувале огромна желба за учење, а подоцна особено за правото и меѓународните односи. И двете сестри дипломирале на Правниот факултет како најдобри во својата генерација, а докторирале на насоката за меѓународно право и политика. Но, за еден од најголемите успеси го сметаат нивното учество на конференција на престижниот
„Харвард“ во јуни.
Венка Симовска
Искрено, јас не гледам реформи во Македонија, или барем не испланирани, аргументирани, сеопфатни и конзистентни планови за подобрување на образованието. Иницијативите ми се чинат произволни, недоволно разработени, дискутирани, проверени... Знам дека последната министерка за образование во новата влада направи некој обид, кој е за поздравување, но според мене, потребна е многу посериозна системска работа. Од подобрување на физичките и хигиенските услови во училиштата, кои се катастрофални, до обуката на наставниците и училишниот кадар, до подобрување на раководењето, образовните политики, учебниците, наставните методи, соработката на училиштата со семејствата и локалната заедница. Има многу, многу работа – ни изјави
проф.д-р Венка Симовска, која предава на Универзитетот Архус во Копенхаген, Данска.
Преку симулаторот
„Каде одат моите пари?“ што го изработи и го објави Центарот за граѓански комуникации ви доближивме колку плаќате дневно како даночен обврзник за функциите на централната власт.
Повеќе пари за универзитетите, помалку за ученички и за студентски стандард. Годинашниот
предлог-буџет за образование и наука за 2019 година е за околу една милијарда денари поголем од ланскиот. Вкупниот буџет лани изнесуваше околу 25 милијарди денари (25.002.838.000), а годинава нешто повеќе од 26 милијарди (26.096.948.000). Владата деновиве го усвои предлог-буџетот за кој наскоро треба да расправа и да го донесе Собранието.