Во Јапонија ова е традиционален начин на седење и тоа не е случајно. Седењето на подот се смета за една од најдобрите позиции бидејќи помага да се одржи правилното држење на карлицата. Ниту „Тик-ток“ не остана имун на ова, па на социјалната мрежа се споделуваат видеа и фотографии со ознаката #floortime, која достигна неверојатни 19 милиони прегледи.
Се смета дека седењето на под може да го подобри држењето на телото, па дури и да го зголеми животниот век. Познато е дека повеќечасовното седење доведува до вкочанети зглобови, болки во грбот и зголемен ризик од одредени болести, па дури и пократок животен век. Светската здравствена организација проценува дека четири до пет милиони луѓе годишно умираат предвреме поради седентарниот начин на живот. Така, честото станување и поминувањето повеќе време на подот може да ги намали негативните ефекти од седењето на стол или кауч.
Метју Кавено, киропрактичар од Луизијана, кој е специјализиран за лекување болки во грбот и во вратот, објаснува дека седењето на подот ги активира мускулите на јадрото и грбот што не се користат додека седите на стол.
- Седењето на подот ни помага да не се свиткаме бидејќи долниот дел од грбот природно малку се протега, а тоа ја спречува болката предизвикана од седење во неправилна положба. Покрај тоа, седењето на под бара истегнување на другите мускули за да ни биде удобно, што може да ја зголеми флексибилноста. Ќе забележите и дека имате поголем опсег на движења и трпите помалку болки - вели Кавено.
Која позиција е добра, а која треба да се избегнува?
Нема официјални научни студии за седењето на подот, иако постојат студии кои покажале дека колку полесно можете да седнете на под од стоечка положба и станете од подот без да се држите со раце, толку се поголеми шансите да живеете подолго. А колку повеќе седите на подот, толку полесно ќе станете. Меѓутоа, важно е да знаете дека секое седење на подот не е гаранција за здравје и долговечност.
Покрај тоа, не е добро секое седење на подот, па дури и тоа може да доведе до болки во грбот и во вратот, особено ако седите во искривена положба. Исто така, ако ја подвиткате едната нога под другата, можете да го истегнете долниот дел од грбот. Тогаш подобро е да се потпрете со грбот на ѕидот за да не се наведнувате.
- Користете го ѕидот како потпора, па карлицата ќе ја ослободи напнатоста, а оваа положба може да го подобри и варењето. Истегнете ги нозете или прекрстете ги - вели Кавено.
Извор:
DDL
Насловна фотографија: Pixabay