X
 26.01.2024 Здравје

Хипохондријата го зголемува ризикот од рана смрт

Хипохондријата ги става луѓето на поголем ризик од смрт и од природни и од неприродни причини, според една шведска студија. Во анализи приспособени за социодемографски варијабли, оние на кои им е дијагностицирана хипохондрија имале значително зголемен ризик од смртност од сите причини во споредба со лицата без дијагноза, заклучија д-р Дејвид Матаикс-Колс од Институтот „Каролинска“ во Стокхолм и неговите колеги во трудот.

Луѓето на на кои им е дијагностицирана хипохондрија имаат 84 отсто зголемен ризик од рана смрт и живеат околу 5 години помалку од луѓето без ова нарушување.

За студијата, истражувачите анализирале податоци за повеќе од 4.000 луѓе во Шведска на кои им било дијагностицирано анксиозно растројство помеѓу 1997 и 2020 година. Истражувачите ги споредиле луѓето со ова нарушување со други кои имале слична демографија, како што се возраста и полот, и живееле во истиот округ, но немале хипохондрија. Луѓето со хипохондрија биле на возраст меѓу 26 и 46 години за време на дијагнозата.

Околу 57 отсто од луѓето во студијата биле жени. Околу 86 отсто од луѓето во групата на хипохондрија имале барем уште едно психијатриско нарушување - обично анксиозност или депресија - во споредба со околу 20 отсто од луѓето што немале хипохондрија.

Луѓето со хипохондрија имале значително поголема веројатност да умрат рано од сите природни причини, освен од рак, во споредба со другата група. Кога истражувачите ги разгледувале неприродните причини за смрт, луѓето со хипохондрија повторно имале поголема веројатност да имаат секакви неприродни причини за смрт на порана возраст. Луѓето со хипохондрија имале повеќе од четири пати поголеми шанси да извршат самоубиство, пишуваат истражувачите. Повеќето смртни случаи кај луѓето со хипохондрија може да се класифицираат како превентивни, вели д-р Матаикс-Колс.

Хипохондријата се карактеризира со постојана преокупација со можноста за едно или повеќе тешки физички нарушувања, пишуваат научниците.

- Ако не копаме подлабоко, би можеле да помислиме дека поради тоа што често се консултираат со лекари, луѓето со хипохондрија може да имаат помал ризик од смрт. Сепак, лекарите што работат со оваа група пациенти знаат дека многу од нив сериозно страдаат и живеат во безнадежност, што може да го објасни зголемениот ризик за самоубиства што го опишуваме во трудот - додаде д-р Матаикс-Колс.

Истражувачите посочуваат дека повеќе фактори влијаат врз зголемувањето на овој ризик, меѓу кои хроничен стрес што доведува до здравствени компликации, недоволно препознавање на хипохондријата како вистинско психијатриско нарушување итн.

Ограничувања на студијата

Студијата е ограничена бидејќи хипохондријата може да биде недоволно дијагностицирана, така што „вистинската прекумерна смртност“ кај луѓето со хипохондрија „може да биде дури и поголема од пријавената“, напишаа истражувачите. Сепак, тие заклучија дека нивната студија е прва што сугерира дека луѓето со хипохондрија имаат поголем ризик од смрт.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје