Природно е да се чувствувате уморни или слаби одвреме-навреме, но заморот претставува нешто друго.
Лоренс Епстин, директор на клиника за спиење при болницата „Бригам енд вуменс“, вели дека изразите замор и умор често се користат како синоними, но тие имаат различно медицинско значење. Чувството на умор е привремено чувство кое најчесто исчезнува со добро спиење, но заморот е долготрајна состојба. Поради заморот, може да чувствувате недостиг на енергија и мотивација, да имате проблеми со концентрацијата, да се
чувствувате анксиозни и да имате проблеми со спиењето.
Што може да го предизвика заморот?
Има повеќе можни причини за замор, од лошите негативни навики до скриени здравствени состојби.
- Заморот може да биде нормален одговор на физичка активност, но може да биде поврзан и со емоционалниот стрес, одредени здравствени состојби и недостиг на сон - вели Епстин.
Според него, доколку мислите дека чувствувате замор, прво треба да видите дали ќе ви се врати енергијата со доволно спиење и редовно вежбање. Недостигот на сон и пасивниот начин на живот се некои од најчестите немедицински причини за замор. Возрасните треба да спијат од 7 до 9 часа дневно, а се препорачуваат физички активности со времетраење од најмалку 2,5 часа неделно. Доколку спиете и вежбате доволно и повторно се чувствувате уморни, можеби станува збор за замор.
Фото: Pixabay
Консумирањето храна и пијалаци што содржат рафиниран шеќер и кофеин може да направи да чувствувате заморно. Се препорачува исхрана богата со цели зрна, здрави незаситени масти и други здрави состојки. Може да помогне и јадењето повеќе помали оброци во текот на денот.
Шансите за замор може да се зголемат и со покачувањето на телесната тежина, а како причини за појава на замор се јавуваат и стресот, одредени лекови и редовно консумирање алкохол и наркотици.
Здравствени состојби
Доколку заморот е предизвикан од здравствена состојба, би требало да имате и други состојби. На пример, доколку заморот е предизвикан од артритис, ќе имате болка во зглобовите. Доколку тој е предизвикан од дијабетес, може да имате симптоми како често мокрење или постојано чувство на жед и глад.
Некои од здравствените состојби што може да предизвикаат замор се: анемија, артритис, автоимуни болести, анорексија и други нарушувања во исхраната, рак, синдром на хроничен замор, респираторни болести, како настинка или Ковид-19, депресија, дијабетес, фибромијалгија, болест на бубрезите или болест на црниот дроб.
Лекарите препорачуваат посета на медицинско лице доколку имате некој од следниве симптоми заедно со заморот: температура, несакано слабеење, долготрајни проблеми со спиењето, постојана главоболка, депресија.
Доколку имате болка во градите или тешко дишите, треба веднаш да одите во болница бидејќи тие може да се знаци на срцев удар, тромб во белите дробови или друга сериозна состојба, вели Епстин.
Автор: Лора Голдмен
Извор:
insider.com