X
 26.02.2020 Технологија

Шанса да дизајнирате опрема за роверот на НАСА и да освоите 15.000 долари

На НАСА ѝ е потребна вашата помош за создавање нова технологија за мисија на Венера. Вселенската агенција се обидува да ја истражи површината на Венера со ровер, нешто што досега не било направено.

- Со температура на површината поголема од 448 Целзиусови степени и притисок поголем од 90 пати од Земјата, Венера може да го стопи оловото и да сруши нуклеарна подморница. Иако многу мисии ја посетија нашата сестринска планета, само десетина остварија контакт со површината на Венера пред брзо да подлегнат на топлината и притисокот - соопшти НАСА.

Сега, Лабораторијата за погон на авиони на НАСА работи на мисијата со која ќе испрати ровер во екстремни природни средини.

Токму тука се вклучувате вие. На НАСА ѝ е потребен сензор што ќе спречи роверот да наиде на камења, стрмни терени и пукнатини. Предизвикот е наречен „Истражување на пеколот: Избегнување пречки на ровер“.

- За да се помогне во мисијата, на роверот му е потребен важен сензор за избегнување пречки што нема да се потпира на ранливите електронски системи. Од таа причина, бараме помош од глобалната заедница - вели НАСА.

Според НАСА, не е важно дали имате диплома по инженерство. Не е ни важно дали сте виделе вселенско летало во живо.

- Заинтересирани сме за сите пристапи, без оглед на вашето знаење - велат од НАСА.

2
Како би изгледал роверот за мисијата на Венера/Фото: NASA

Оној што ќе го освои првото место ќе добие 15.000 долари, за второто место се испланирани 10.000 долари, а за третото - 5.000 долари.

Иако сето ова звучи одлично, од НАСА предупредуваат дека станува збор за прилично тешка задача.

- Тешкотијата на овој предизвик е во дизајнирањето сензор кој нема да се потпира на електронски системи. Тековната најсовремена електроника не успева на над 120 Целзиусови степени и лесно ќе потклекне на екстремната околина на Венера. Тоа е причината што НАСА бара помош од глобалната заедница на иноватори и пронаоѓачи - соопштува НАСА.

Сензорот мора да биде многу повеќе од солиден: мора да може да одговори кога роверот ќе се соочи со падини поголеми од 30 степени по угорница или удолница и камења повисоки од 0,35 метри, и не смее да биде активиран при средба со карпи со висина од 0,3 метри. Ова се некои од барањата за новиот сензор.

Зошто НАСА сака да оди на Венера?


- Земјата и Венера во основа се планети-сестри, но Венера имала пресврт во еден момент и станала неповолна за живот - вели Џонатан Саудер, главниот истражувач за концептот на роверот.

Истражувањето и проучувањето на површината на Венера може да ни помогнат да ја разбереме еволуцијата на планетата и може да придонесат за подобро разбирање на климата на Земјата, вели НАСА.

- Ова е возбудлива можност за јавноста да дизајнира компонента што еден ден би можела да заврши на друго небесно тело - вели Рион Стујарт, координатор за предизвици од Лабораторијата за натпревари на НАСА.

- НАСА знае дека добрите идеи можат да дојдат од каде било и дека натпреварите со награди се одличен начин да се вклучи генијалноста на јавноста и да се направи вселенското истражување да биде достапно за сите - додава тој.

Извор: Edition.cnn.com
Фото: Unsplash | NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија