X
 19.05.2016 Технологија

Запознајте го македонскиот тим во НАСА... Огромни шанси за победа!

Разговаравме со момците од тимот Авис, кои со своето иновативно решение успешно ја поминаа претселекцијата од врвни експерти од НАСА и успеаја да се пласираат помеѓу најдобрите 25 тимови на светско ниво. Во моментов, на 24 часа до крајот на гласањето се наоѓаат на прво место.



Како се одлучивте за учество на „Спејс апс челинџ“ натреварот на НАСА?

Натпреварот веќе трета година по ред нѐ обединува сите на едно место. Креативци, програмери, иноватори, истражувачи и ентузијасти. Дел од нашиот тим учествува секоја година, а оваа трета година по ред се одлучивме за учество затоа што предизвикот „Не го уривај дронот” ни звучеше интересно и сакавме да ги испробаме нашите вештини и да видиме што можеме да креираме. Во 2014 година добивме признание „Ѕвезди во подем” затоа што бевме најмлади меѓу учесниците. Во 2015 година не освоивме ниту една награда, но тоа не нѐ обесхрабри, туку напротив и оваа година повторно се обидовме и ја освоивме наградата „Избор на публиката“ за која сме многу среќни и задоволни.

Фитнес алка која што го контролира движењето на дронот. Од каде ви дојде таа идеја?

Главната цел која што требаше да ја постигнеме со предизвикот е како обични корисници на дронови во домашни услови да можат полесно да управуваат со своите летала. Натпреварот е организиран од „Њуменс бизнис акселератор“ и работевме во нивните простории во Скопје, коишто се во непосредна близина на едно основно училиште. Тогаш ни дојде идејата дека ова решение треба да е лесно и достапно за секого без разлика на возраста и да е лесно како детска игра. Алката беше вистинското решение.

Како функционира алката и од што всушност се состои вашето решение?

Приближно сите тимови се насочуваат кон креирање на апликација за телефон, но тука дојде нашата креативност во игра и решивме покрај апликацијата да додадеме и паметна алка така што секој, па дури и мало дете ќе може да го лета овој дрон. Дронот работи така што алката се поврзува со телефонот и всушност корисникот замавнува со раката и на тој начин го управува движењето на дронот во посакуваната насока. Алката има и известувања, пренесени преку тип на вибрации доколку дронот лета во забранета зона или пак светкање на сијалички доколку се наближува временска непогода која го загрозува летот на дронот (пример силен ветер или дожд). Повеќе за решението можете да прочитате тука.

Во моментов успеавте да влезете во топ 5 тима во категоријата „Избор на публиката“ на глобално ниво. Каде се гласа и што се случува во моментов?

За да дојдеме до оваа фаза, нашиот проект помина во потесен круг каде што експерти од НАСА одлучија кои тимови ќе влезат во топ 25 селектирани на глобално ниво. Го пројдовме полу-финалето и сега се наоѓаме во финале заедно со уште 4 тимови. Во моментов сме во тесна трка со еден тим од Украина со кој постојано го делиме првото место. Она што ни е потребно сега е огромна поддршка и постојано гласање од цела Македонија за да го осигураме првото место до крајот на натпреварот.

Се гласа на следниот линк: https://bitly.com/voteavis , а насоки како треба да се гласа можете да видите тука: http://avisdrone.com.

Гласањето трае веќе две недели. Кога завршува и кои се вашите очекувања? Она што е многу важно да се нагласи е дека гласањето за натпреварот завршува во петок, 20.05.2016 во 23:00 часот, а до тогаш треба да изградиме убедливо водство пред Украинците. Се гласа секој ден по еднаш од една корисничка сметка. Нашето очекување е победа и ништо друго! Секој ден со нашите најблиски пријатели, поддржувачи и колеги го проследуваме ова што го постигнуваме и се обидуваме да го прошириме гласот и до повлијателните кои што ќе можат да ни донесат повеќе гласови.

Што се случува доколку победите? Што е следно за тимот Авис?

Доколку победиме ќе имаме неверојатна можност и исполнување на сонот да го посетиме „Кенеди спејс центарот“ во НАСА, Флорида, САД каде што ќе бидеме сведоци на лансирање на вселенска ракета. Покрај тоа сакаме да продолжиме да работиме на проектот и да го изградиме првиот комплетен прототип. Во моментов веќе се разговара и правиме планови заедно со „Њуменс бизнис акселераторот“ за развој на продуктот во нивната Европската Акцелераторска програма за вселенски иновации, па во некоја следна пригода ќе имаме да покажеме и реални перформанси.

Ви посакуваме победа и ги покануваме сите да гласаат на овој линк за тимот Авис : https://bitly.com/voteavis


Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија