X
 26.02.2022 Живот

Лекции што ги научивме од Рејчел од серијата „Пријатели“

Омилената „пријателка“, Рејчел Грин, е личност со која речиси секоја жена може да се поистовети.

Нејзиниот лик доживува вистинска трансформација од првата до десеттата сезона, а на овој начин Рејчел учи многу животни лекции кои се составен дел од нашето секојдневие.

1. Промената е тешка

Рејчел ја запознаваме во време кога се откажува од удобниот живот во предградието и првпат во животот дознава како е да се живее без родителска кредитна картичка и како да си ја пере облеката.

Иако беше опкружена со луксуз, таа не беше навистина среќна. Кога го сфати тоа, го остави свршеникот пред олтарот, а сѐ што ѝ се случуваше во следните години покажа дека е во право. Сè што постигна немаше да биде возможно доколку не се слушаше себеси и својот инстинкт. Растот на една личност не се случува во зоната на удобност.

1
Фото: Instagram

2. Не споредувајте го вашиот живот со животите на другите

Уште во првата сезона на Рејчел ѝ е многу тешко да сфати колку нејзиниот нов живот е различен од животите на нејзините богати пријатели. Во епизодата „Онаа со Џорџ Стефанопулос“ тоа е особено видливо кога нејзините три пријателки доаѓаат во „Централ перк“ и ѝ кажуваат дека се бремени, унапредени или дека наскоро ќе се венчаат. Рејчел нема ништо од тоа, но во истата епизода сфаќа дека ги има луѓето околу неа со чија помош ќе застане на нозе и ќе си го најде патот.

На крајот келнерката станува почитувано име во модната индустрија, добива убава ќерка и завршува со љубовта на нејзиниот живот. Секој има своја временска рамка и затоа никогаш не споредувајте се со другите. Вие не знаете што навистина им се случува на другите.

3. Побарајте помош од најблиските кога ви е потребна

Само кога ќе се соочиме со најтешките животни предизвици, како што се губење работа, болест, раскинување, развод или смрт на некој близок, навистина сфаќаме какви се луѓето околу нас.

Да не беа нејзините пријатели, особено Моника, Рејчел ќе беше многу поизгубена и осамена на своето ново патување бидејќи Моника беше таа што ѝ даде место за живеење кога Рејчел го започна своето ново поглавје.

Можеби таа не ги миеше садовите и не го фрлаше ѓубрето, но секогаш беше тука за Моника - кога раскина со Ричард, но и кога ја најде љубовта на својот живот.

Да се има луѓе на кои можеме да се потпреме е многу важно во животот. Дури и ако тоа не е вашето семејство или не можете да сметате на него, секогаш можете да создадете свое. Понекогаш мора да почнете од пријателите.

4. Дајте си време

Рејчел немаше поим што ќе следува откако избега од својата венчавка. Таа не знаеше што да очекува, па дури ни во која насока сака да оди. Сепак, со помош на блиски луѓе, полека почна да сфаќа каде се гледа себеси. Си даде малку време за да заработи за живот, а потоа тргна да создава ново поглавје во нејзиниот живот. Иако не мислеше дека ќе мора да прави кафе на првата „модна“ работа, токму тоа искуство ѝ овозможи да го запознае Марк, кој ѝ помогна во понатамошната кариера.

Не треба веднаш да сфатите што сакате да правите до крајот на животот. Во ред е да се премислите, па дури и да започнете нов пат во триесеттите, четириесеттите, педесеттите години.

рејчел
Фото: Instagram

5. Грешките и ризиците се дел од животот

Иако многу од грешките на Рејчел се комични за гледачите, слични ситуации се дел од животот.

На пример, и покрај катастрофалното интервју за работа во модната куќа „Ралф Лорен“, таа веднаш се врати на уште едно интервју и тоа ѝ ја донесе работата затоа што посочи зошто треба да ја вработат врз основа на фактот дека имала храброст да се врати. Презеде ризик и се исплатеше.

Рејчел правеше многу погрешни чекори, но од секоја борба учеше по нешто и што е уште поважно, ги преживеа. Без разлика колку ѝ беше срам, колку беше повредена или колку ѝ беше жал, Рејчел ги научи лекциите и продолжи понатаму.

6. Изберете ги вашите битки


Рејчел, исто така, научи многу за тоа како да ги избира своите битки.

На пример, таа беше многу тврдоглава кога Рос заспа додека читаше писмо од 18 страници. По раскинувањето често го задеваше и се обидуваше да го испровоцира, но во текот на сезоните научи како да ги избира битките и во кои работи треба да вложи енергија, а во кои не.

7. Кога сè ќе се распадне, ве очекува нешто уште подобро

Излегувањето од врска за која сте биле убедени дека ќе заврши со брак и градењето живот од самиот почеток е исклучително тешка ситуација. Но, не за џабе се вели дека по дождот доаѓа сонце. Така беше и со Рејчел.

На крајот на десеттата сезона таа завршува со Рос, љубовта на нејзиниот живот и нивната прекрасна ќерка, со работа во модната индустрија за која отсекогаш сонуваше.

Извор: Zadovoljna.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот