Документарецот во четири дела кој нѐ води зад сцената на „Спасувачката служба“, култната серија од 90-тите години, ќе пристигне на стриминг-платформата „Хулу“ на 28 август под името „По спасувачката служба: Момент на сонцето“ (After Baywatch: Moment in the Sun).
Под режисерската палка на Метју Фелкер и благодарение на продуцентската куќа „Еј-би-си њуз студио“, се враќаме на плажа со познатите спасители, две години по серијата „Пем и Томи“ во која фокусот беше на љубовниот живот на Памела Андерсон, една од најнезаборавните актерки на популарната „Спасувачка служба“.
Документарната серија ќе ни донесе детален увид во културниот феномен кој дефинираше една ера, како и поглед на тогашниот и сегашниот живот на ѕвездите кои ги отелотворуваа најпознатите спасувачи во светот. Преку четири епизоди, ќе донесе десетици нови интервјуа и досега невидени снимки од актерската екипа, вклучувајќи ги Никол Егерт, Кармен Електра, Били Ворлок, Александра Пол, Грегори Алан Вилијамс и многу други.
Продуцентската куќа исто така објави да очекуваме досега неемитувано интервју со Памела Андерсон и домашни видеа снимени од актерската екипа, кои на гледачите ќе им дадат увид во вистинската динамика на тимот и моментите што се случиле зад камерите. Дополнително, документарната серија го истражува влијанието на серијата врз поп-културата и нејзиното трајно наследство.
Со оглед на тоа што серијата има свои обожаватели и денес, не е чудно што во 2017 година имаше премиера и филмот „Спасувачка служба“ со Двејн Џонсон и Зак Ефрон во главните улоги, а се најавува и рестартирање на серијата, со креаторите на оригиналот - Мајкл Берк, Даглас Шварц и Грегори Џеј Бонан, но други детали, вклучително и датумот на издавање, сè уште не се познати.
Извор: gloria.hr
Фото: Facebook