Поради тоа што мотоциклите не доаѓаат со воздушни перничиња, некои иноватори смислиле решение за заштита на мотоциклистите. Тие ставиле воздушни перничиња во нивните панталони.
Шведскиот бренд „Мо'сајкл“ разви панталони, први од ваков тип, кои се дуваат во рок од неколку секунди по пад за да обезбедат заштита за долниот дел од телото во случај на несреќа.
Тие се составени од заменлива кутија со јаглероден диоксид која го ослободува гасот кога возачот почнува да паѓа од мотоциклот.
- Панталоните се удобни како и секои други и се направени со водоотпорен материјал кој дише и е отпорен на гребење - истакнуваат од компанијата на нивната страница.
Но, за панталоните да „насетат“ пад, треба да се поврзани со мотоциклот. Тоа е постигнато преку еластична врвка која му овозможува на возачот удобно да го движи телото додека е врзан со моторот. Тоа значи дека на мотоциклот не му е потребна специјална адаптација за да се приклучи врвката.
Кога возачот почнува да паѓа од седиштето поради судир, врвката се откачува од панталоните и во тој момент се активираат воздушните перничиња.
Процесот е екстремно брз, па тоа овозможува перничињата целосно да се надуваат пред возачот да удри на земја.