X
 15.03.2023 Живот

Гувернерот на Бали сака да им забрани на странските туристи да изнајмуваат и да возат мотори

Гувернерот на Бали има намера да им забрани на странските туристи да изнајмуваат и да возат мотори поради низа сообраќајни прекршоци.

- Не треба да се шетате низ островот користејќи мотори, без кошула или облека, без кацига, па дури и без дозвола - рече гувернерот Ијан Костер.

Наместо со мотори, туристите низ островот ќе се движат со возила обезбедени од туристичките агенции. Според информациите, уредбата ќе биде донесена поради тоа што во последната недела од февруари туристите ги прекршиле сообраќајните прописи повеќе од 170 пати, а забележано е и дека туристите користат лажни регистарски таблички.

- Ако сте турист, тогаш однесувајте се како турист - рече гувернерот. На Бали, странските туристи често изнајмуваат мотори за да се движат низ островот, кој нема добро развиен јавен транспортен систем.

Предложената забрана ќе биде имплементирана преку регионалниот закон подоцна оваа година, но не е јасно како ќе се спроведе. Дедек Варјана, кој претседава со Здружението за изнајмување мотоцикли на Бали, рече дека предлогот е премногу избрзан и дека властите треба да реагираат на конкретни прекршувања наместо да воведат целосна забрана. Слично размислува и Ниоман Сукма Арида, предавач по туризам на Универзитетот „Удајана“ на Бали, кој смета дека таквата забрана може да му наштети на угледот на Индонезија во очите на другите земји. Тој додава дека зголемениот број сообраќајни прекршоци укажува и на тоа дека локалните власти слабо ги спроведуваат постојните правила.

Покрај оваа уредба, гувернерот најави и дека ќе ги укине визите што се добиваат по доаѓањето на Бали за туристите од Русија и Украина поради несоодветно однесување и непочитување на локалните прописи. Минатата недела, властите уапсија неколку руски државјани поради прекршување на нивните дозволи за престој, а некои злоупотребиле визи за посетители за да основаат бизниси. Пред ковид-пандемијата најмногубројни туристи на Бали беа Австралијците и Русите.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот