X
 26.02.2024 Здравје

Дали и во кои ситуации помага благата вода?

Лажичка шеќер и чаша вода сигурно му даваат брза енергетска поддршка на нашето тело, а кај народот се користи како лек за сѐ, најмногу во стресни ситуации. Дали овој пијалак може да биде од помош?

Стариот лек може да биде од корист, но само кога се во прашање одредени здравствени состојби. Во повеќето случаи, како што велат експертите, овој народен медикамент нема никакво посебно влијание. Кога станува збор за примената на благата вода како прва помош, треба да сте особено внимателни со пациентите што боледуваат од дијабетес. 

Случаи кога благата вода помага

Се случува на некој да му се слоши поради пад на шеќерот во крвта, односно хипогликемија. Како што објаснуваат лекарите, ова обично се јавува кај дијабетичарите по предозирање со терапијата или кај други лица поради нискокалорична диета или преголемо физичко оптоварување. Хипогликемијата е проследена со чувство на премаленост, треперење, препотување, и во тие ситуации има смисла да се даде блага вода, советуваат сите лекари.

Во случај на дијабетичка кетоацетоза, сериозна краткорочна компликација која може да предизвика кома или дури и смрт, на пациентот, ако е свесен, според лекарите, треба да му се даде само чаша обична вода. Во овие случаи е неопходно да се обратите на лекар, кој понатаму ги презема мерките за нормализација на шеќерот и киселоста на крвта.

Кетоацидозата кај лицата со дијабетес главно е предизвикана од висока гликемија, зголемено присуство на гликоза во крвта. Меѓутоа, може да ја предизвика и нормална или ниска гликемија.

Најважно е да знаеме зошто му е лошо некому

Лекарите велат дека поради сето наведено, мораме, пред да притрчаме во помош, да знаеме зошто некој колабирал.

- Пред сѐ, треба да се знае причината зошто некому му е лошо. Може да има многу причини и благата вода можеби нема да помогне. Единствено ако се работи за хипогликемија кога шеќерот во крвта е пренизок. Во случај некој да се онсесвестил поради нискиот крвен притисок, подобро е да му се даде вода со сол и да му се кренат нозете. Штом човекот ќе се најде во хоризонтална положба и мозокот е на исто ниво со срцето, обично се враќа свеста - објаснува Иван Радиќ, специјализант на интерна медицина, за е-Клиника.

Доктор Милован Миличевиќ, кардиолог интернист, има слично мислење и апелира луѓето да не прават ништо на своја рака доколку не им е познато зошто некому му е лошо.

-Течноста во многу ситуации е од помош, но прашање е дали некому му е потребен шеќер или не. Генерално, во многу ситуации благата вода нема нешто посебно да помогне, но нема ни да му одмогне на пациентот - вели тој.

Лекарите велат дека шеќерот брзо се апсорбира и директно ја зголемува вредноста на шеќерот во крвта. Шеќерот е најважното гориво за мозокот, што значи дека чаша вода и лажичка шеќер можат да ги решат проблемите што настанале по хипогликемија.

Дали водата и шеќерот имаат замена и како дејствуваат во стресни ситуации?

Доколку причината за колапсот е некој друг здравствен проблем, водата и шеќерот нема да бидат од посебно значење, но, како што велат лекарите, нема ни да погрешите бидејќи станува збор за нешто што сите го јадеме и пиеме.

Нутриционистот и диететичар Милијана Шарац потврдува дека слатките пијалаци многу брзо го креваат нивото на шеќерот во крвта.

-Сепак, мораме да знаеме дали лицето јадело нешто, дали можеби имало некој стрес. Во состојбите кога може да користи шеќер, сосема е во ред така да се крене нивото на шеќер во крвта и да се намали премаленоста. Лицата што имаат дијабетес главно знаат што да користат ако дојде до нагло опаѓање на шеќерот - вели таа.

Кога станува збор за примена блага вода во стресни ситуации, лекарите велат дека во тие околности пијалакот можеби има само плацебо-ефект.

-Доколку некој мисли дека тоа ќе му биде од помош во некоја тешка ситуација, може слободно да испие чаша вода со шеќер, но тука нема многу ефект - вели Радиќ.

Нутриционистите велат дека нашата дневна потреба од шеќер е околу шест лажички, но и предупредуваат дека денеска шеќерот го има во речиси сите производи.

Автор: Данијела Тадиќ
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје