Повеќето од нас сакаат да бидат што попродуктивни, а како може да се постигне оваа цел? Еден метод е да барате извонредност во работата со тоа што ќе учите најмногу што можете и ќе вежбате додека не постигнете совршенство. Луѓето често го користат овој метод за да постигнат најдобри резултати, но има и друг метод кој не советува да барате совршеност.
Дејвид Бејлс и Тед Орланд во својата книга „Уметност и страв“ (англ. Art & fear) преку приказна илустрираат дека перфекционизмот не секогаш значи и продуктивност. Во приказната професорот ги дели студентите по керамика на две групи. Едната се оценува според квантитет, а другата според квалитет. Првата група ќе биде оценета според тежината на сите керамички садови, а другата според најдобриот сад што ќе го создадат, без разлика колку садови ќе произведат.
Фото: Pixabay
Она што се случило е интересно. Најквалитетните садови биле направени во групата што се оценувала по квантитет. Се чини дека додека групата за квантитет била зафатена работејќи и учејќи од грешките, групата за квалитет развивала теории како да се создаде совршен сад и на крајот немала многу за покажување. Оваа приказна е базирана на вистински случај на кој сведочел Џери Улсман, професор на Универзитетот на Флорида, кој предава фотографија.
Овој метод функционира бидејќи ве поттикнува да заборавите на перфекционизмот и да дејствувате во реалниот свет, а искуството е најдобар учител.
Фото: Pixabay
Како да го примените овој принцип во реалниот свет?
Постои метод наречен 70-20-10 претставен од текстописецот Џонатан Рид. Според него, без разлика на што работите, 70% од вашите обиди ќе бидат просечни, 20% ќе бидат лоши, а 10% ќе бидат одлични. Овие проценти одговараат без разлика што работите. Вашето „одлично“ може нема да биде стандард на некој мајстор, но дури и мајсторите добиваат одлични резултати во само 10% од времето.
Рид пишува дека Мајкл Џексон поминал низ 800 песни за да ги одбере деветте што ги издал на албумот „Трилер“. Заклучокот е дека не станува збор за „квантитет или квалитет“, туку „квантитетот создава квалитет“.
Автор: Џесика Стилман
Извор:
inc.com