Кога би имале избор помеѓу зголемување на платата или намалување на бројот на работни часови, односно еден работен ден помалку, што би избрале?
Времето е пари - е веќе излитена изрека, но реалноста е дека најмногу ни снемува време кога се обидуваме да заработиме пари, па времето буквално се претвора во пари. И тогаш се појавува едно клише кое всушност е уште повистинито од претходното – најважните работи не се купуваат со пари.
Социјалниот контакт, поминувањето време со семејството и пријателите, уживањето во вашето хоби и времето одвоено само за нас - се темелите за чувство на целосна среќа и исполнетост, а со петте или повеќе денови во неделата што ги поминуваме на работа, особено со работните часови што одземаат повеќе од половина ден, не ни останува многу време за вакви задоволства и релаксација, па едвај успеваме да ги завршиме сите потребни работи.
Не можеме без одмор и слободно време, а не можеме ни без пари. Кога би се соочиле со една од најинтересните дилеми - покачување на платата или еден работен ден помалку, што би избрале?
Најпрво и без размислување повеќемина би рекле пократка работна недела. Водејќи се од мислата дека нашето ментално и физичко здравје се на прво место.
Ако не се чувствуваме удобно во нешто и тоа е премногу стресно за нас, дури и токсично, тогаш тоа не е вистинскиот или добриот пат за нас, без разлика колку и да изгледа како правилна и логична одлука која вреди за да се жртвуваат и ризикуваат нештата. Но, дали е тоа избор на полесниот пат и останување во зоната на удобност.
Она што го знаеме е дека стресот и нервозата не водат кон ништо добро и дека секогаш би требало да се одлучуваме за некаква нематеријална корист, а не за материјална.
Приоритетите можат брзо да се променат
Се разбира, би било лицемерно да се тврди дека покачувањето не е важно и дека не звучи примамливо. Платата која е доволно висока за да ни овозможи да живееме нормален живот, живот кој не е само преживување, туку барем малку повеќе од тоа, исто така е многу важна ставка при изборот на работа и секој дополнителен бонус или покачување може да биде многу неопходен во некои животни ситуации и околности, па ако е потребно, би работеле и ден повеќе само за да може да се постигне стабилноста и безбедноста што си ја посакуваме, за себе и за другите.
Информацијата што неодамна ја изнесе Светската здравствена организација е дека главната причина за повредите или здравствените проблеми при работа не се несреќите на работа, туку долгото работно време. Срцев удар, мозочен удар и многу други ненадејни болести може да се припишат на работењето премногу денови по ред без слободен ден и премногу часови на ден.
Се разбира, не секоја прекувремена работа ќе предизвика болест, но фактот дека преголемата посветеност на работата може да влијае врз нашето здравје е уште еден во низата аргументи за да се одлучиме за слободен ден повеќе, или малку пократко работно време, отколку за покачување.
Но, секој од нас има различни приоритети и на исти работи гледаме на сосема различни начини. Исто така, една иста личност во различни периоди од животот има различни желби и приоритети, па којзнае како ќе би изгледал нашиот одговор за пет, десет или, пак, само за една година.
Извор: Zadovoljna.dnevnik.hr
Фото: Freepik