Апокрифи или апокрифни списи ( евангелија, откровенија), се некаконски книги од библиска тематика, кои по Лаодикијскиот собир во 360 година, се исфрлени од корпусот текстови кои се сврстени во библискиот Канон.
Во она што денес го читаме во Стариот и Новиот завет, наведено е сето она што ги задоволило строгите критериуми за избор на канонски текстови, кои потоа ќе бидат користени и во литургиската пракса и ќе служат за понатамошно зацврснување и ширење на христијанската вера. По канонизацијата на овие библиски книги, се што останало надвор од составот на Светото писмо, почнало да се смета за еретички книги, па нивното препишување, читање или ширење било забрането.
Апокрифите, сепак, содржеле слики со голема уметничка вредност, така што и натаму влијаеле на свеста на народниот човек, а можеби и во поголема мера на творештвото на народната книжевност, како и на уметноста на големи мајстори. Влијанието на овие текстови може да се пронајде и денес, во книгите кои и самите можеме да ги наречеме продолжувачи на традицијата на апокрифната книжевност.
Едно од најинтригантните прашања за оваа тема е – Зошто некои текстови се прифатени како канонски, а други се отфрлени? Потоа следува и прашањето – Зошто отфрлените текстови и понатаму имаат сила која го привлекува и денешниот човек, без разлика дали се работи за верник или не?
Една од причините за неприфаќање на одреден број текстови секако е пронаоѓањето на историските недоследности во нив. Иако нашето познавање на далечната историја е нерасветлено, сепак има доволно пишани траги кои ги дискредитираат некои од апокрифните текстови. Друга причина е пренесувањето на пријазните од „втора рака“.
Во старозаветниот канон влегуваат списи кои носат несомнителни обележја од пророчки авторитет. Оние кои се напишани од самите пророци, оние кои зборуваат за нив, бидејќи на народот им ги пренесувале Божјите објави. Доколку писателите не даваат доволно аргументи за да ја пренесат Божјата порака, таквиот текст нема доволна стабилност за да се смета за канонски.
Сепак, она што најмногу може да го интригира љубопитниот читател, се теолошките причини заради кои некои текстови се погодни, а други не. Кои се тие „теолошки грешки“ на кои некој текст може да подлегне?
Многу од тие текстови се полни со суеверија, содржат приказни за лечење со магии, одобруваат одмаздољубивост, зборуваат за ограничено спасување само за одбраните и сл. Многу од нив се бават со темите од Исусовото детство, неговите родители, детството на Марија и сл. Причината за нивното задржување во културата е и слабоста на описот на овие значајни теми за разбирање на личноста на Исус и неговите подоцнежни подвизи.
Ова што е важно за приказните за апокрифните списи се трагите кои можеме да ги пронајдеме во современата литература. Може да се пронајдат сцени кои ги познаваме од книги како на пример: „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков, „Евангелие по Исус“ на Жозе Сарамаго, „Последното Христово искушение“ на Никос Казанцакис и сл.
Со оглед на тоа дека се работи за врни автори, па според книгите се снимаат и филмови и серии, апокрифите уште долго ќе инспирираат, не само според смислата која ја пронаоѓаме во канонските книги, туку и заради способноста да не одведат на „другата страна“.
Автор :
Јадранка Миленковиќ