Потребна ни е онлајн библиотека со цел пристап на секој студент до задолжителната литература. Јавните исправи, како уверение за положени испити, потврда за редовен студент и слично, да се издаваат во дигитална форма. Транспорт, поштенски услуги, интернет и комуникации, угостителство, утврдување максимални цени по кои може да се издава сместување за студенти, посочуваат од Здружението на студенти по медицина
Долгорочно решение за објектот за студентите на ФИНКИ, целосна дигитализација на индексите на студентите по медицина, спроведување построги регулативи и механизми за борба против нелегалната сеча им се потребни на студентите на Шумарски факултет, квалитетни студиски програми, подобра ефикасност на мерките на МОН бара Универзитетското студентско собрание на УКИМ. Ова се мал дел од барањата на студентите на УКИМ од идната влада.
Поразговараме со дел од нив за нивните приоритети и очекувања од новата влада, а има многу потточки кои им создаваат сопки и тешкотии во студирањето
Целосна дигитализација на индексите
Студентите на ФИНКИ имаат потреба од две работи: краткорочно решение за објект и подобри услови - простории за студирање и долгорочно решение за објект, односно зграда на факултетот.
- Бидејќи на нашиот факултет му беше ветена зграда, која никогаш не ја доби, ние како студенти сме без добар распоред на предавања, вежби како и распоред на полагања, соочувајќи се со многу проблеми кои ги делиме со професорите. Затоа бараме првично да ни биде обезбедено краткорочно решение, бидејќи ние активно студираме, а истовремено и ефикасен долгорочен план. Бараме и краткорочно решение бидејќи ние не можеме да чекаме уште 13 години, а ниту 1 година, бидејќи тоа се цели 2 генерации на најголемиот факултет во државата, во кој се засегнати над 5.000 студенти - истакнуваат студентите од ФИНКИ.
Здружението на студенти по медицина посочи дека им е потребна целосна дигитализација на индексите, целосно исфрлање на употребата на хартиени индекси, дигитализација при запишување на семестрите со цел да се намали чекањето и метежот кој е константна при секое запишување на семестар и поставување терминали на самите факултети.
- Потребна ни е и онлајн библиотека со цел пристап на секој студент до задолжителната литература. Јавните исправи, како уверение за положени испити, потврда за редовен студент и слично, да се издаваат во дигитален формат. Транспорт, поштенски услуги, интернет и комуникации, угостителство, утврдување максимални цени по кои може да се издава сместување за студенти. Спорт и рекреација покрај институциите кои се под Министерството за култура. Оптимизирање на мерката студентски оброк. Проширување на студентските поволности. Бесплатни или по намалени цени членарини во библиотеките и 24-часовно работно време на читалниците - истакнаа од Здружението на студенти по медицина.
Построги механизми за борба против нелегалната сеча
Студентите по шумарство, пејзажна архитектура и екоинженеринг, вклучувајќи ја загриженоста за ерозијата и нелегалната сеча, очекуваат следната влада сеопфатно да ги реши овие прашања:
- Нашите пораки и итни барања се: спроведување построги регулативи и механизми за борба против нелегалната сеча и заштита на шумските површини. Ова вклучува зголемување на казните за активности на нелегална сеча и зајакнување на напорите за спроведување на Законот. Инвестиции во одржливи практики, односно распределба на средства за одржливи практики на шумарството, како што се пошумување, агрошумарство и иницијативи за управување со шуми во заедницата - со ова ќе се ублажи ерозијата и ќе се зачува биолошката разновидност. Интеграција на екоинженерството и екоменаџментот: инкорпорирање на принципите на екоинженерството и екоменаџментот во владините политики и практики - ова вклучува промовирање зелени инфраструктурни решенија за контрола на ерозијата, како што се биоинженерски техники и природни мерки за одржување на водата во склоп на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство - изјавија студентите по шумарство, пејзажна архитектура и екоинженеринг.
Кога станува збор за образование и обука, посебен акцент ставаат на покривање трошоци за теренски настави од страна на владата, односно буџет обезбеден за факултетот за теренски настави кои се исклучително значајни за студентите на овој факултет.
- Овој факултет бара многу теренски настави, по повеќе денови доколку сакаме да излезе навистина квалитетен кадар. Јавна свест и учество, односно ангажирање на јавноста во напорите за зачувување преку кампањи за подигнување на свеста, вклучување на заедницата и партиципативно процеси на донесување одлуки. Со ова ќе се поттикне чувството на сопственост и одговорност кон заштитата на животната средина и одржливото управување со земјиштето. Едно од многу важните барања е преземање мерки во рамките на анализите кои во текот на една година ги прави катедрата за заштита на шумите при нашиот факултет. На владина седница се гласаат тие мерки, но не се спроведуваат! Со сеопфатно решавање на овие аспекти, владата може да работи на одржлив развој, зачувување на животната средина и одговорно управување со природните ресурси, од корист и за сегашните и за идните генерации - изјави Ивана Пенева, претседател на Здружението на студенти при Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг ДРЕН Ханс Ем.
Стипендии, оброк, превоз, студентско сместување
По иницијатива на Студентско собрание на УКИМ, прифатена од пет други Универзитетски студентски собранија во државата, на 6 март е објавен Студентски манифест - документ кој содржи 7 клучни цели за реформирање на високото образование кај нас.
- Самиот документ е приоритет за студентите и за целиот систем на високообразовните институции во земјата. Приоритети се: квалитетни студиски програми, подобра ефикасност на мерките на МОН (стипендии, оброк, превоз, студентско сместување), поголема поддршка на студентите од втор и трет циклус на студии, активно следење на процесот на реновирање на студентските домови согласно договорот потпишан на 29.12.2023, носење на Законот за младински стандард (кој прави големи промени на полето на студентскиот стандард). Долгорочно решение на мерката студентски оброк, активни мерки за вработување по дипломирање, поголема поддршка на млади претприемачи и фриленсери, како и поголема институционална поддршка на студентскиот активизам - ни изјави Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.