Денешните генерации ученици, особено основците, не знаат што точно значи принципиелен и доследен наставник во однос на она што го работи и што го очекува од учениците. Нормално, оној наставник/професор што работи на часовите со учениците и сака да ги научи, за возврат бара повратни знаења, размислувања, тврдења, логични и критички, но да бидат лични, не напамет (а тоа се постигнува само кога се размислува со своја глава). Тој е одговорен наставник. Обично за строг наставник се именува оној што пишува заслужени оценки, односно ги пишува оценките постигнати од следењето на учениците во текот на една учебна година, за што, нормално си води евиденција и портфолио на учениците за да ја потврди оценката што е постигната. Меѓутоа, тука најмногу се греши, како од учениците така и од нивните родители. Но, едно нешто мора да го сфатиме и да не се заборава: секој наставник си го цени својот предмет што го предава затоа што има вредност и значење, па оттука, без разлика дали наставниот предмет е застапен со еден, два или повеќе часа неделно, целта на наставникот е да го пренесе она што мора како обврска, како и да го научи ученикот, да разбере некои основни работи кои во животот треба да се имаат предвид, барем од општа култура. И тоа ли е строгост?
Ако некој сака да ве научи, советува, споделува животно искуство, значи тој е строг, лош или не знам уште каков... Не, не е така. Од брзање се реагира и се греши. Ако не се размисли добро пред да се зборува, тогаш најмногу се греши. А тоа очигледно ни се случува. Веднаш реагираме за што било, само да го „нападнеме“ наставникот и да го ставиме во непријатна ситуација. Знаете како велат: најлесно е да нападнеш некого, ама да се размислува пред да се стори тоа би било најкоректно и најпаметно.
Друга работа што не ја знаат и ја немаат доживеано нашите основци е дека на крајот од учебната година се оди на полагање, па дури и се повторува година по одредени наставни предмети каде што не се покажал никаков интерес и наставен резултат, односно тоа го нарекуваме легачење цела учебна година, или ако сакате: доаѓање на гости наместо на школо. Точно е, секој ученик не може да учи, но барем да биде општествено корисен. Тоа би требало да може, нели. Но, тука веќе станува збор за индивидуален избор. Мотивацијата за учење ја дава наставникот, ама волјата за таа мотивација и заинтересираност произлегува од самиот ученик, односно од желбата нешто да совлада. И никој не може да ја наметне сосила. Дури тогаш кога ќе има полагање и повторување ќе може да зборуваме, ако така може да се каже, за строг наставник, а дотогаш ќе наоѓаме само изговори или народски „рачки“ за да наштетиме на главниот субјект кој одговорно и чесно ја извршува својата наставна должност, за сметка на оној, другиот, објектот во наставата, односно ученикот кој очекува двојки, тројки... на стара слава. Најголемата грешка што ни се случува во образовниот процес е токму таа, на оној ништо што не знае (дури сум чул искрени ученици да кажат: ништо не знам) да му поклониме двојка само дека присуствувал на часовите, а на оној што учи, максимално да му го извлечеме знаењето. Има разлика, нормално. Се знаат критериумите за оценување и секој наставник треба да се води по нив. Порано, да, имаше и полагање и повторување, а сметам дека тоа треба повторно да се врати, со цел да се сфати дека не може несериозно да гледаме на наставата, наставниците и наставните предмети што ги предаваат. Така, не постигнуваме никаков дијалог, а уште помалку не соработка и резултат. Да не се брза, оти се греши. Не постои толку строг наставник, барем денес, кој не сака да го посоветува и сослуша ученикот, како и да му помогне за што било. Барем јас не познавам такви колеги.
Затоа, драги ученици, еве сме, пред крајот на учебната година, вложете го максималниот труд и капацитет што го поседувате, оти знам и верувам дека сите можете со цел да докажете дека сте постигнале училиштен (заслужен) успех, за што ќе ги направите радосни и горди вашите наставници кои ве учат. Не водете се по изразите: „ми е гајле“; „ќе ми пиши оценка“; „е како да не“; „појма немам“; „тешко е кај него/неа“; „на крајот сите попуштаат“ и сл., кои само ќе остават трајна штета и ненадоместлив пропуст кај вас, ученици. Не гледајте на некого како строг, ами како херој, заштитник и добронамерник, кој успева да ви пренесе и остави трајни знаења, вештини и умеења. Односно, да ви го покаже патот на иднината и на професионалната ориентација. Среќно и успешно, со годишниот успех!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик