X
 26.06.2024 Живот

Хотелски појадок: знаете ли која храна од шведската маса треба да ја избегнувате?

Сте спакувале костим за капење, душеци, кофички за на плажа и одбројувате до вашето патување. Ако не сте од среќниците што имаат викендица или стан покрај море... или барем пријатели со имот во близина на плажа, веројатно одлично сте ја совладале потрагата по понуди за сместување. И додека приватното сместување има голема предност бидејќи ви нуди приватност и чувство како да сте дома, сѐ повеќе луѓе повторно избираат хотели бидејќи не мора да се грижат за готвење, чистење, перење и други секојдневни активности. Дури и да резервирате полупансион по добра цена или добра понуда со вклучен појадок, сте решиле една третина од грижите за одмор.

Шведски - стој


Хотелите обично нудат шведска маса за појадок, а колку и да е привлечна шарената низа од солено, слатко и сѐ што никогаш не можете да подготвите дома наутро, не залетувајте се – некои намирници може да ви го уништат целиот одмор. За среќа, за да ги препознаете, не треба да прелистувате литература за здравје или да гладувате, само држете се до неколку општи правила кои ќе ве спасат од труење и стомачни проблеми.

Секако, ако храната, садовите во кои се послужила, чиниите и приборот за јадење изгледаат валкани, верувајте, не мора ни да пробате. Прошетајте до блиската пекарница или бар и помогнете им на оние што доаѓаат по вас оставајќи рецензија за појадокот во хотелот. И да, иако сте платиле, не мора да заборавите на хигиената - измијте ги рацете пред јадење, не допирајте и не враќајте храна.

Ладното мора да биде на ладно, а топлото на топло


Во угостителството постои општо „двочасовно правило“, односно ниту една храна или готов оброк не треба да поминува подолг период од тој на температурата која не е идеална за него. Бидејќи не знаете кога точно е наместена масата од која ќе се послужите, попрво треба да внимавате она што треба да биде ладно да биде во фрижидер, а подготвената топла храна во сад што се загрева. Ова се однесува на јајцата и сланината, млекото, јогуртот, путерот, но и овошните сокови.

Ако нема прибор за сервирање, прескокнете


Ако храната се служи во чинии или садови без прибор за сервирање, замислете дека секој пред вас земал храна со прстите - затоа што барем некој го направил тоа. Не замислувајте каде тој некој ги ставил своите прсти претходно, туку прескокнете ја таквата храна и одберете нешто без туѓи бактерии и нечистотии.

Сеченото овошје го сакаат и бактериите

Дури и исечените овошја и овошни салати не се најсреќниот избор бидејќи колку е посочно и побогато со сокови овошјето, толку полесно се размножуваат бактериите на него. Не заборавајте дека и доматот е овошје, па истото важи и за него. Изберете парче овошје и уживајте во овошната салата некаде каде што веројатно нема да седи исечкано со часови.

„Семејни“ чинии и пакувања

Не е невообичаено да се видат намази како нутела, путер од кикиритки или џем послужени „како дома“, на масата во бифето, односно отворени и залепени со нож или лажица што ќе ги користат сите. Секогаш претпочитајте да изберете спакувани намази.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот