Посветеноста, самодисциплината, истрајноста и фокусот на студиите, на Теодора Мазнева, првенец на генерација на Фармацевтскиот факултет со просек 9,81, ѝ го донесоа признанието за еден од најдобрите студенти на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за учебната 2022/2023 година.
Со завршувањето на петгодишните интегрирани студии од прв и втор циклус на Фармацевтскиот факултет во Скопје, таа се здоби со звање магистер по фармација и во моментов работи за иноваторна фармацевтска компанија во регулаторниот сектор, каде што секојдневно придонесува за навремен пристап и достапност на квалитетни, безбедни и ефикасни лекови наменети за пациенти кои се соочуваат со специфични медицински состојби.
Нејзиниот успех е резултат на голема пожртвуваност и откажување од многу нешта кои се важни за еден млад човек.
- Успехот е производ на континуирана посветеност, самодисциплина, истрајност, фокусираност на целите. Студиите на Фармацевтскиот факултет бараат голема пожртвуваност, кратење од слободното време, дружбите, излегувањата во корист на интензивни подготовки за колоквиуми и испити. Но, имајќи ги предвид големата љубов за фармацевтската наука и постигнатите резултати, дефинитивно вредеше целиот труд - истакна Теодора.
Интересот за природните науки, особено хемијата, се појавил рано во нејзиното детство кога почнала да ги проучува различните енциклопедии, како и да ги следи едукативните програми на медиумите кои на интерактивен и забавен начин поттикнуваа љубопитност.
- Овој интерес дополнително се зајакна во основно училиште на часовите по хемија кога го запознав светот на хемиските структури и ги изведов првите експерименти. Фармацевтската професија водена од основните принципи на хуманост ја дава можноста за практична примена на ова знаење за унапредување на здравјето како најважната човекова вредност - потенцира Теодора.
Во текот на студирањето надминала повеќе предизвици, вклучително пандемијата на ковид-19, кога целокупната настава се одвиваше онлајн со крајно ограничена лабораториска работа, која пак е темел на студиите по фармација. Фармацевтска технологија, биофармација, аналитика на лекови и легислатива, како и клиничка фармација и терапевтици се предметите кои кај неа побудиле најголем интерес.
- Воедно се соочив и со големи предизвици на приватен план, но секое искуство ме мотивираше да продолжам во наредното поглавје со уште посилен ентузијазам. Од мое лично искуство, најголем дел од професорите беа достапни за студентите во секое време. Наставниот кадар на факултетот несебично се залага за пренесување на висококвалитетно знаење, препознавање и искористување на потенцијалот на студентите, со разновидни можности за соработка на научноистражувачки проекти – раскажа една од најдобрите студентки на УКИМ.
Теодора смета дека фармацевтот е интегрален дел од здравствениот систем во македонското општество и несомнено е најдостапниот здравствен работник кој високопрофесионално, одговорно и неуморно работи на зачувување и унапредување на човековото здравје.
- Фармацевтската дејност опфаќа широк спектар на активности, како снабдување со лекови и медицински средства, нивна изработка, производство, дистрибуција и контрола, информирање, советување, едукација на пациентите и здравствените работници за рационална и ефикасна употреба на лековите и медицинските средства, следење на ефектите и исходот од пропишаната терапија. Според тоа, фармацевтите како есенцијални чинители во здравствениот тим секојдневно придонесуваат за обезбедување квалитетна здравствена грижа преку нивната работа во аптеките, клиниките, фармацевтските компании, високообразовните институции, агенциите за лекови, министерствата за здравство – вели Мазнева.
Фармацевтската индустрија еволуира многу брзо и поради тоа, Теодора смета дека е неопходна засилена едукација на јавноста за тоа како функционира оваа индустрија и колку е важна за потребите на пациентите.
- Фармацевтската индустрија еволуира со рапидно темпо поставена пред актуелните предизвици со подемот на напредните технологии, растечките трошоци за истражување и развој на нови лекови во комбинација со строги регулаторни барања, дисрупција на синџирот на снабдување што води до зголемена појава на супстандардни фалсификувани лекови, како и неповолната перцепција на дел од јавноста за начинот на функционирање на оваа индустрија. Фармацевтските компании се клучни во обезбедување есенцијални трансформативни терапии за потребите на пациентите, па неопходна е засилена едукација на јавноста за адресирање на многубројните дезинформации, предрасуди, мисконцепции. За крај, сметам дека треба да се работи на проблемот со излевањето на висококвалитетниот фармацевтски кадар од државава, кој поради несоодветните политики низ годините, одлучува да го оствари својот работен ангажман во високоразвиените земји кои ги препознаваат нивните знаења, вештини и квалитети – вели младата фармацевтка, која планира во иднина да ги продлабочи своите знаења и вештини на постдипломски специјалистички студии.
Фото: приватна архива