X
 14.08.2024 Наша тема

Ања Митиќ е најдобар дипломец на ФДУ, а претходно дипломирала на Факултетот за музичка уметност: „Успехот на испит не е во оценката, туку во правењето добра претстава“

Од пред неколку месеци сум вработена во Драмскиот театар - Скопје и сите амбиции што ги имам во моментот се поврзани со тоа. Се надевам дека ќе имам простор и можност за повеќе искуства како во театар така и на филм, вели Ања Митиќ

Ања Митиќ е дел од најдобрите дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година на УКИМ со просек 9,77. Признанието е пријатно и позитивно изненадување за неа, еден вид награда за трудот што го има вложено во текот на студирањето. Таа заврши на Факултетот за драмски уметности и вели дека отсекогаш имала желба да студира на некој од уметничките факултети.

- Отсекогаш знаев дека сакам да студирам на некој од уметничките факултети, само не бев сигурна на кој. Затоа по завршувањето на средното образование се запишав на Факултетот за музичка уметност, каде што студирав на отсекот соло пеење. Откако дипломирав таму, на Факултетот за драмски уметности имаше приемен на катедрата за драмски актери во класата на професорката Зоја Бузалковска и решив да пробам да се запишам - ни сподели Ања.



Студирањето на ФДУ е поразлично отколку на другите факултети


Според нејзиното искуство, студирањето на ФДУ е малку поразлично отколку на другите факултети.

- Мислам дека успехот на еден испит не е во оценката, туку во правењето добра испитна претстава, а за добра претстава, треба тимска игра и соработка. Затоа, мотивацијата најчесто потекнува од меѓусебната соработка со колегите, како и мотивацијата да бидеш подобар од претходниот семестар/испит - посочува Ања.

Со оглед на тоа што тврди дека е поинакво студирањето на ФДУ, додава дека оттука и жртвите, трудот, остварениот успех се поинакви, поразлични отколку на другите факултети.

- Жртвите се главно во тоа што при спремање некој испит поминуваш по цели денови на факултет, поминуваш време само со колегите од факултет и немаш време за други активности, се трудиш целиот фокус да го задржиш на тоа што се спрема. Сите предмети на ФДУ се во функција на главниот предмет и затоа не треба да се запоставуваат, а главниот предмет на мојот отсек е актерска игра, кој е и главниот фокус во текот на студиите.



Простор за просперитет има секаде и секогаш

Ања Митиќ, иако тазе дипломирана, почна веќе да ја гради својата актерска кариера.
- Од пред неколку месеци сум вработена во Драмскиот театар - Скопје и сите амбиции што ги имам во моментот се поврзани со тоа. Се надевам дека ќе имам простор и можност за повеќе искуства како во театар така и на филм - ни споделува таа.

Засега нејзините амбиции остануваат во границите на Македонија, а секако се насочени кон континуирано растење и учење.



На прашањето дали гледа просперитет во Македонија, таа вели:
- Мислам дека за секоја професија е потребно прво вистински да ја сакаш, а потоа на предизвиците да гледаш како на можност за учење и растење. Простор за просперитет има секаде и секогаш, само не треба да дозволиме негативните работи да не повлечат надолу - заклучува Ања.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема