X
 05.03.2019 Живот

Кина лани издала 23 милиони забрани за патување поради мал социјален кредит

Кина минатата година 23 милиони пати им забранила на своите жители да купуваат билети за возење со авион или воз затоа што нивните поени за социјален кредит биле премногу ниски.

Според извештај на кинескиот Информативен центар за национален јавен кредит, луѓето 17,5 милиони пати биле блокирани и не можеле да си купат авионски билети, додека кога станува збор за возење со воз, бројот на блокирани билети е 5,5 милиони. Овие луѓе станале „дискредитирани“ за неопределени криминални дела поврзани со однесувањето. Според кинескиот Врховен суд, бројот на блокирани авионски билети во 2017 година бил само 6,15 милиони.

Како дел од системот, кинеската влада исто така користи јавна црна листа на оние што биле прогласени за виновни за криминални дела и ги казнува со делумно ограничување на нивната способност да купуваат билети за патување со воз или со авион.

Социјалните кредитни поени исто така би требало да помогнат во превенцијата на недоличното однесување во средствата за јавен превоз, како во еден случај кога патник седна на резервирано место и не сакаше да го ослободи. Снимката беше многу споделувана и луѓето повикуваа на повеќе казни за оние што се однесуваат вака.

Кинеската влада има независни политики за набљудување на индивидуалци и за казнување на лошото однесување. Вашиот социјален ранг во очите на властите може да се намали ако избегнувате даноци, мамите други луѓе, правите лажни реклами или заземате дополнителни места во возовите.

Пред луѓето да можат да влезат во Кина, се собираат нивните отпечатоци од прстите. Кинезите и странците треба да покажат документ за идентификација кога минуваат низ точки на проверка или кога се чекираат во хотел. Известувањата покажуваат дека властите во региони како Синѓанг присилно собирале биометриски податоци за да создадат база на податоци за идентификација на луѓе што не го почитуваат системот.

Кина сака до 2020 година да има досие за секој жител на Кина, кое би ги содржело сите податоци собрани за однесувањето на тој жител.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот