X
 24.02.2023 Живот

Што треба да знаете за ЕТИАС пред да почне да се применува?

До крајот на оваа година жители над 60 земји во светот кои сега може да патуваат во шенген-зоната без виза ќе треба да се пријават за да патуваат во која било земја во Европската Унија. Од ноември ќе биде активен европскиот систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), со кој ќе се врши пријавување на патувањето во ЕУ. Следуваат неколку работи што треба да се знаат за овој систем.

ЕТИАС не е виза

Системот не е вид виза за патување во шенген-зоната. Тоа е програма за безбедност наменета за сите жители на земји што може да патуваат во шенген-зоната без виза. Системот треба да овозможи проверка на патниците кои влегуваат во зоната. Пријавувањето ќе трае десетина минути и нема да вклучува разговор или слично.

Уште нема веб-страница

Моментално има повеќе веб-страници кои лажно се претставуваат како официјални, но засега нема официјална веб-страница направена од ЕУ.


Фото: Pixabay

ЕТИАС не е за оние што не можат да влезат во шенген-зоната

Жителите на над 100 земји за кои се бара виза за влез во шенген-зоната нема да треба да се пријавуваат преку новиот систем.

ЕТИАС е мерка за безбедност

Целта на системот е да се обезбедат границите на шенген-зоната поради зголемениот број терористички напади во земјите во ЕУ. На овој начин ЕУ сака да знае кој ги поминува границите.

Ќе чини 7 евра

Пријавувањето во системот ќе чини 7 евра. Патниците нема да мора да се пријавуваат за секое патување бидејќи една апликација ќе важи две години. Доколку пасошот истекува пред истекувањето на апликацијата, тогаш апликацијата за ЕТИАС ќе биде валидна до истекувањето на пасошот. Второто пријавување ќе биде валидно пет години, а понатаму ќе се зголемува временскиот период на валидност.

Извор: Schengen visa info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот